Skip to main content
Македонија

Мајка од Скопје бесна на институциите: „Ако дојде пак, сама ќе му пресудам“

05/03/2026  13:00

Загрижувачка порака се шири на социјалните мрежи, откако жена од Скопје јавно порача дека ќе му пресуди на својот сопруг доколку повторно им се приближи неа и на нејзините деца.

Станува збор за маж кој моментално се наоѓа во затвор поради семејно насилство, но според нејзините тврдења, добива викенд-отпуст и може слободно да се движи.

Жената минатата година го снимаше сопругот како ја тепа нивната четиригодишна ќерка во скопската населба Драчево. Снимката предизвика силни реакции во јавноста и беше повод за покренување постапка против 28-годишниот скопјанец.

Во објава на Фејсбук, мајката жестоко ги критикува институциите, обвинувајќи ги дека не ја заштитиле неа и нејзините деца.

„Да ти се плукнам во правдата. Ѓубрето да си шета слободно, викенд му следувало, можел да оди на работа – буквално ќе си шета како ништо да не се случило. Демек таква проценка се дала дека не бил опасен по живот. А што е со нас?“, напиша таа.

Според нејзините тврдења, насилството траело со години, а наместо целосна заштита, од Центарот за социјална работа се обидувале да ја „смират“ ситуацијата.

По пријавениот инцидент, Основното јавно обвинителство Скопје покрена постапка против осомничениот, кој беше приведен и му беше определен притвор.

Засега нема официјална реакција од Центарот за социјална работа во врска со обвинувањата на мајката, додека од Обвинителството се очекуваат дополнителни информации за текот и исходот на постапката.