Skip to main content
Македонија

Мајка на загинато момче од „Пулс“ го обвини сведокот за лажен исказ

02/02/2026  15:37

Марија Петрушева, мајка на Андреј едно од загинатите момчиња во пожарот во дискотеката Пулс, јавно реагираше по сведочењето на Дејан Манасиев во судот, обвинувајќи го дека го сменил својот првичен исказ и дека со тоа ја доведува во заблуда и јавноста и правдата.

Таа соопшти дека семејствата на настраданите подготвуваат кривична пријава против Манасиев, посочувајќи дека неговите изјави дадени веднаш по трагедијата во обвинителството се во директна спротивност со она што го кажал во судницата.

Според Петрушева, Манасиев, кој бил вработен како шанкер во објектот, првично потврдил дека плафонот во дискотеката бил спуштен и обложен со материјал што лесно гори, додека во актуелното сведочење тоа целосно го негирал. Таа тврди дека токму таквата конструкција била клучна причина за брзото ширење на отровниот чад.

Во емотивно обраќање, Петрушева истакна дека Манасиев изгубил свои колеги и блиски пријатели во трагедијата и праша зошто, според неа, сега ја менува вистината. Таа нагласи дека голем број сведоци потврдиле оти плафонот бил спуштен и обложен со сунѓерест материјал, што дополнително ја поткопува веродостојноста на неговото сведочење.

Мајката на Андреј наведе и дека Манасиев и раскажал сосема поинаква верзија за последните моменти на нејзиниот син веднаш по несреќата. Како што тврди, во приватна комуникација тој ѝ опишал обид за бегство низ густ чад, при што заедно со Андреј и уште еден келнер се упатиле кон излезите. Таа вели дека располага со пораки од „Месинџер“ кои го потврдуваат тоа.

„Тогаш ми кажа дека не се гледало ништо од чадот и дека настанал хаос додека луѓето се обидувале да излезат. Денеска, пак, зборува за млади лица кои снимале со телефони и дека тоа било причина за стампедо што е целосно спротивно од она што првично ми го кажа“, изјави Петрушева.

Дополнително, таа реагираше и на неговите тврдења поврзани со безбедносните услови во објектот. Според неа, сведочењето за отклучени помошни излези и бројот на противпожарни апарати не се совпаѓа со исказите на други сведоци и со фотографиите направени по пожарот. Таа тврди дека една од споредните врати била заклучена со катанец и дека немала внатрешна квака.

„Прво зборуваше за еден, можеби два противпожарни апарати, а денес веќе спомнува три. Таквите промени не се случајни и токму затоа родителите ќе поднесат кривична пријава“, рече Петрушева.

Таа заврши со порака дека, според неа, менувањето на исказите не и служи ниту на вистината, ниту на споменот на загинатите, особено кога станува збор за луѓе кои биле колеги и пријатели на сведокот.