Skip to main content
Македонија

Мајка на загинато момче од Кочани: МВР, не бараме сочувство – бараме правда за нашите деца

26/04/2025  17:17

“Се прашуваме, МВР — ако вие не сте тука за нашата безбедност, тогаш кој е?

Имате ли доблест да си ја признаете вината за таа кобна ноќ, или можеби никогаш не ве научиле на одговорност додека си ги купувавте дипломите?

Секоја недела нашиот марш е уредно пријавен во МВР, болницата и противпожарната служба. Се прашуваме — дали концертот на групата ДНК, кој се одржа таа кобна ноќ, беше уредно пријавен до надлежните институции? Дали требаше службено да бидете таму присутни, затоа што целиот град знаеше за тој концерт — имаше реклами насекаде, па затоа и многу наши деца беа таму.

Нашите деца не згрешија што отидоа да ги слушаат ДНК. Тие беа таму со чиста душа, за да се забавуваат. За жал, не знаеја во какви услови влегуваат, не знаеја дека ќе бидат дел од нешто што ќе се покаже како салата на смртта.

Денес, по таа страшна ноќ, дознавме дека таа дискотека всушност била дувло за нелегални активности — продажба, купување и консумирање на дрога.

Дали требаше вие, МВР, да направите рација на време? Да го контролирате работењето на тој монструм кој се нарекува управител? Да го спречите продавачот на билети кој дозволил влез трипати повеќе од дозволениот капацитет?

Која е вашата улога како државен орган, ако не да спречите вакви трагедии?

Најболно од сè — ова не е само наша трагедија, ова е трагедија за целата држава.

Бараме правда!

Бараме прогон за сите одговорни!

Бараме одговорност од вас, Министерство за внатрешни работи, за прерано згаснатите животи на нашите деца.

Само ставете се пет минути во нашата кожа.

Вие можеби ќе амнестирате, ќе се обидете да заборавите, но ние — НИЕ нема никогаш.”

Изјава на мајката на прерано загинатото момче од Кочани, на денешниот протест на родителите.