Skip to main content
Магазин

„МАЈКА“ на Теона Стругар Митевска со триумфална премиера во Венеција

28/08/2025  15:08

Со стоечки овации и долг аплауз, новиот филм на Теона Стругар Митевска, „МАЈКА“, синоќа имаше светска премиера на 81. Венециски филмски фестивал, во преполната Sala Darsena, отворајќи ја престижната селекција „Хоризонти“.

Филмот ја раскажува интимната приказна за младата Тереза во Калкута, 1948 година, во мигот кога го чека одобрението од Ватикан за да го напушти манастирот и да основа нов ред. Улогата на идната Мајка Тереза ја толкува светски познатата актерка Номи Рапас, која ја прикажува како сложена, човечна и противречна личност – исполнета со амбиција, сомнежи и жед за слобода.

Во актерската екипа настапуваат и Никола Ристановски, Силивија Хукс, Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска, а сценариото е заедничко дело на Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ. Зад камерата стои белгиската директорка на фотографија Виржини Сен-Мартин.

Првичните критики го оценија „МАЈКА“ како „смело и современо портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“.

„Со филмот сакав да прикажам една историска жена не како идеализирана светица, туку како вистинска, повеќеслојна личност со доблести, но и противречности,“ изјави Митевска на прес-конференцијата во Palazzo del Casino.

Номи Рапас истакна дека улогата за неа била „емоционално и духовно патување“ кое го живеела со месеци: „Она што го гледате на екранот е мојата Тереза – не копија, туку обид да ја пронајдам вистинската личност зад митот.“

Филмот веќе е продаден за кино-дистрибуција во над 15 европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија и Скандинавија, со старт на прикажување од 3 декември.

По премиерата во Венеција, „МАЈКА“ ќе учествува на бројни фестивали ширум светот, а македонската публика ќе може да го погледне на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, од 20 до 26 септември.

Со ова, македонската кинематографија уште еднаш направи значаен исчекор на светската сцена, отворајќи нови перспективи за меѓународен успех.