Skip to main content
Магазин

Магнезиумот како природна поддршка за подобар сон

20/02/2026  17:38

Иако магнезиумот не претставува чудотворен лек за проблемите со спиењето, кај лица со полесни нарушувања може да биде корисна и природна поддршка за поквалитетен одмор во текот на ноќта.

Овој минерал учествува во бројни процеси во организмот – од функционирањето на мускулите до работата на нервниот систем. Во последно време сè почесто се поврзува со подобрување на сонот, бидејќи влијае врз механизмите што го регулираат стресот и создавањето хормони поврзани со циклусот спиење-будење.

Стручњаците посочуваат дека магнезиумот помага во балансирање на невротрансмитерите кои го смируваат мозокот, меѓу нив и ГАБА, супстанца што придонесува за релаксација и полесно заспивање. Дополнително, тој учествува во регулирањето на мелатонинот – хормонот што го контролира биолошкиот ритам. Кога неговото ниво е ниско, можно е потешко да се заспие или сонот да биде плиток и прекинуван.

Одредени студии укажуваат дека додатоците со магнезиум можат да им помогнат на луѓе со несоница, особено кај повозрасни лица или кај оние со утврден недостаток на овој минерал. Покрај тоа, тој може да ја намали нервозата и мускулната напнатост, што индиректно придонесува за подобар одмор.

Сепак, ефектите варираат од личност до личност и магнезиумот не треба да се смета за универзално решение за сите нарушувања на спиењето.

Добрата вест е што може да се внесе и преку исхраната преку јаткасти плодови, семиња, мешунки, интегрални житарки и зелен лиснат зеленчук.

Пред употреба на суплементи, препорачливо е советување со лекар, бидејќи преголеми количини можат да предизвикаат дигестивни проблеми или други несакани реакции, особено кај лица со хронични заболувања.

Во комбинација со здрави навики редовен термин за легнување, ограничување на екраните пред спиење и намалување на стресот магнезиумот може да биде корисен сојузник за помирен и поквалитетен сон.