Skip to main content
Магазин

Магијата на филмот оживеана во музика – незаборавен концерт на Кирил Џајковски!

16/06/2025  16:30

Синоќа во Националната опера и балет имавме привилегија да ги споделиме музичките и уметничките светови на Кирил Џајковски, кој одржа целовечерен концерт, придружуван од 30-члениот оркестар под диригентската палка на Џијан Емин. Уште еднаш се потврди дека музичкиот јазик на Џајковски има уникатна вредност која е препознаена од публиката.   Вчерашниот концерт беше резиме за творештвото на Кирил во применетата, филмска музика преку комплексно патување низ неговото творештво, каде публиката не може да остане само пасивен консумент, туку таа се ангажира како проактивен учесник во патувањето. Концертот започна со антологиските музички парчиња од филмот „Прашина”, а продолжи со познатите теми од „Балканот не е мртов”, „Врба”, „Бал-кан-кан”, „Piargy”, „Трето полувреме” со што публиката се присети на легендарните музички теми кои беа неизоставен дел од овие филмски остварувања. Филмската музика на Кирил не само што ги надополнува и издига филмските сцени, таа и живее независно од филмот.

Еден од највпечатливите моменти на концертот беше изведувањето на темите од филмот „Големата вода” кои важат за едно од највпечатливите дела од македонската филмска музика, но и сведоштво за раскошниот талент на Џајковски.

Крешендото на ова композиторско волшепство на Џајковски беше поддржано од хорската придружба во последниот дел од концертот. Кирил уште еднаш потврди дека со своите уметнички визии и неговиот композиторски капацитет е уникатно современо културно наследство. 

Концертот претставуваше одлична можност еден од најпродуктивните композитори на музика за филм на Балканот, пред македонската публика да го претстави својот извонредно обемен и исклучително значаен опус. Проектот ќе го продолжи својот живот со настапи низ регионот и Европа во периодот кој следува.

Овој концерт се реализираше со поддршка на генералниот спонзор Комерцијална банка АД Скопје, спонзорот Зегин, а доби поддршка и од Министерството за култура и туризам.

Фото: Кире Галевски