Skip to main content
Музика

Магична ноќ за паметење: Здравко Чолиќ и недостигаше на Македонија – енергија која не се опишува

03/06/2025  16:15

Легендарниот шармер Здравко Чолиќ по шест години пауза конечно повторно во Македонија и тоа со три последователни концерти во нашата најголема арена “Борис Трајковски”.

Вчеравечер се одржа првиот од трите концерти на легендата и очекувано арената беше претесна за да ги собере сите негови фанови од 9 до 99 години. Чолиќ неуморно пееше и играше на сцената цели три часа, а неговиот глас звучеше идентично моќно како и пред повеќе од 40 години.

Ги испра сите негови најпознати хитови уште од почетокот на кариерата како што се “Пусти пусти моду”, “Красива”, “Ти можеш све ал једно не”, “Станица Подлугови”, “Твоје очи”, “Април у Београду”, и многу други, но испеа и неколку од неговите понови хитови како што се “Што ти дадох” и “Тебе чувам за крај”. Како и секогаш неговиот најголем хит “Ти си ми у крви” го чуваше за крај и го испеа откако се врати на бис.

Оваа концертна турнеја е посебна затоа што за првпат Чолиќ неговите песни ги испеа во видоизменет аранжман со симфониски оркестар, составен од 50 музичари од Биг бендот од Нови Сад и од оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад. Новите аранжмани на неговите хитови прилагодени за оркестар ги подготви диригентот Федор Вртачник.

Токму поради таа причина целиот концерт беше замислен да биде со седење и арената беше целосно поставена со столчиња, сепак енергијата на Чолиќ очекувано ги крена сите на нозе и цели три часа публиката танцуваше во ритамот на музиката.

И покрај враќањето на бис, публиката се уште беше желна за песна плус па долго по неговото заминување од сцената со аплауз и свирежи му испратија порака дека Здравко Чолиќ навистина недостигаше сите овие години во Македонија, а неговата енергија на сцената и зад неа е доказ дека тој е навистина ретка легенда на овие простори!

Денес 3 јуни е закажан вториот концерт, а утре и третиот и последен концерт од оваа турнеја на Здравко Чолиќ во Македонија, а билетите се речиси распродадени за сите концерти.

Дел од атмосферата можете да погледнете на нашиот инстаграм профил со клик ТУКА и ТУКА.

Наталија Јосифоска
Фото: Марио Андоновски