
Македонија ризикува целосен застој во воздушниот сообраќај поради застарената опрема во М-НАВ, предупредува Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање, во интервју за „Слободна Европа“.
„Практично ќе нема никакви летови ниту полетувања, ниту слетувања, ниту прелети, а ќе испадне брука во Европа“, вели Тасевски, нагласувајќи дека за разлика од штрајковите во други земји, македонските контролори не бараат повисоки плати, туку нормални услови за работа и модерна опрема.
Според него, сегашната технологија го ограничува капацитетот на само 72 авиони на час, иако побарувачката достигнува и до 130. Ова резултира со изгубени милионски приходи, кои одат кон соседните земји што можат да ги прифатат летовите. „Со нова опрема и четири активни сектора, наместо три, би можеле да опслужуваме до 120 авиони на час“, додава тој.
Тасевски предупредува дека најголемата опасност е целосно откажување на системот, бидејќи за него нема резервни делови и не постои бекап-опција. „Во таков случај, остануваме со црн екран“, вели тој, посочувајќи дека сите соседни земји имаат резервен систем кој овозможува безбедно приземјување на авионите во итни ситуации.
Тој открива и сериозни проблеми со човечкиот ресурс постојани вработувања на непотребни позиции, губење на професионалноста со заминувањето на поискусните кадри и пад на квалитетот на помошните служби.
Иако уверува дека патниците се „милион отсто безбедни“ од аспект на професионалноста на контролорите вели Тасевски но дадава дека прашање на време е кога ќе откаже.
Дополнително, вели тој, безбедносниот периметар околу објектот е недоволно обезбеден поради истечен договор со приватната агенција за обезбедување и отсуство на нов тендер, што остава простор за непрофесионално и небезбедно управување со влезот во М-НАВ.