Skip to main content
Култура

Љутков од Венеција: Архитектурата зборува преку „Strada Brutalissima“

09/05/2025  15:05

Со претставување на проектот „Страда бруталисима” денеска во изложбениот простор „Арсенале – Сале д’Арми”  во Венеција, беше отворен  македонскиот павилјон во рамките на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – Венециско биенале за архитектурата 2025.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето рече дека да се биде дел од Венециското биенале за архитектура, е можност да се вклучиме во глобалниот разговор за потребата од заемно поврзување и градење хумано општество преку јазикот на формата, на материјалот и визијата.

„Годинава нашата приказна носи наслов „Strada Brutalissima”. Иако насловот сам по себе звучи грубо, тој во себе крие длабока емоција. Емоција која е поврзана со приказна за Скопје, градот кој по земјотресот во 1963 година, благодарение на солидарноста на светот и визијата на многубројни архитекти, избра повторно да се издигне”, рече Љутков.

Според министерот Љутков „Страда бруталисима” не е само улица, таа е патека низ времето, низ слоевите на нашата колективна меморија. Таа нè потсетува дека архитектурата не е само нем сведок – таа зборува, понекогаш гласно, понекогаш тивко, но секогаш со длабоко значење.

Авторите на проектот, посочи Љутков, не се обидуваат само да ја прикажат архитектурата од тој период, туку  преку проектот отвораат дијалог со минатото, но и со сегашноста, со локалното и глобалното, со заборавеното и она што бара ново препознавање.

„За проектот слободно можеме да кажеме дека е предизвик да го погледнеме минатото не со носталгија, туку со отворен ум и подготвеност за негово ново перципирање во контекст на современото општество. Да го преиспитаме нашето наследство не само како артефакт, туку како жива материја – како нешто што и денес може да нè научи и да нè инспирира. Токму во таа нишка што ја поврзува историјата на Скопје со духот на Венеција, градот кој и самиот многу добро ја познава борбата со времето, природата и промените, го лоцираме суштинското значење на нашето присуство овде, на една од најзначајните светски манифестации за архитектура”, рече Љутков.

Со поддршка од Министерството за култура, архитектонското творештво на македонските автори во континуитет се претставува на овој врвен архитектонски настан. Кураторот на проектот „Страда Бруталисиме” е Благоја Бајковски, доцент на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, кој заедно со Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ-Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски работеа на неговата реализација. Комесари  на проектот се Фросина Зафировска и Маја Неделкоска Брзанова, кои заедно со тимовите од Националната галерија и од Архитектонскиот факултет од Скопје, дадоа свој голем придонес за македонското претставување на 19. Интернационална изложба на архитектурата во организација на Венециското биенале кое ќе биде отворено до 23 ноември оваа година.