
„Стариот конак во Лешочкиот манастир ќе биде целосно завршен до крајот на јуни, со што овој значаен духовен комплекс добива обновен и достоен изглед”, истакна министерот Зоран Љутков при денешната работна посета на Лешочкиот манастир.
За време на посетата, министерот Љутков беше придружуван од митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, владиката Јосиф, директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски, како и стручен тим од институцијата.
Министерот информираше дека проектот за конзервација, реставрација, санација и ревитализација на стариот конак е во завршна фаза, за што Министерството за култура и туризам издвои 6 милиони денари. Градежните активности, кои опфаќаат ѕидарски и столарски работи, се одвиваат во согласност со предвидената динамика.
Во однос на проектот за конзервација и реставрација на црквата „Св. Богородица”, каде што е откриен значаен трислоен живопис од 14, 17 и 19 век, беше посочено дека активностите привремено се ставени во мирување поради потреба од дополнителни стручни анализи и заштитни мерки. Работите ќе продолжат по спроведена процена, со цел целосно зачувување на ова исклучително вредно културно наследство.
Со овие активности уште еднаш се потврдува заложбата за заштита, обновување и ревитализација на културното и духовното наследство како значаен сегмент од националниот идентитет.


