
Советот на Општина Карпош денеска ја одржа четвртата седница, на која беа разгледани 10 точки од дневниот ред. Градоначалникот Сотир Лукровски на почетокот ги информираше советниците за случајот со труење на учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“.
Тој посочи дека Општината веднаш презела итни мерки и е во постојана координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и ЈП „Водовод и канализација“. Надлежните земале примероци од храната, водата и површините во училиштето, а на 28 ноември била направена вонредна дезинфекција.
Институтот за јавно здравје соопшти дека труењето го предизвикале грам-негативни бактерии Enterobacteriaceae пронајдени во мусаката, а фекални бактерии биле откриени и на три чешми. „Водовод и канализација“ направи дополнителни проверки и информира дека водата е санитарно исправна.
Лукровски додаде дека случајот внимателно се следи и дека Општината ќе постапи по сите препораки кога ќе пристигне целосниот извештај. Најави засилени хигиенски мерки и инспекциски надзори во училиштата. Советниците ја поддржаа и точката со која училиштето „Димо Хаџи Димов“ ја прифаќа донацијата од Министерството за животна средина прибор за тестирање по природни науки за учениците и наставниците.

