Skip to main content
Македонија

Лукаревска: СДСМ предлага 934 милиони денари поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани

04/07/2025  17:20

Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во рамките на комисиската расправа за ребаланост на буџетот за 2025 година година истакна дека по три дена расправа се зборуваше за се, а најмалку за сите битни бројки и параметри кои ја носат државата далеку од фамозното четврто место според растот на БДП.

Несомнено е евидентно дека овој ребаланс е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента и базиран на нереални макроекономски проекции, очајни капитални расходи и евидентно прекршени фискални правила, нагласи Лукаревска додавајќи дека дефицитот останува на првична проекција од четири проценти од БДП, а инфлацијата ќе порасне од 2,2 на 2,8%.

Истакна дека стапките на економски раст се превисоко поставени за да дадат погрешна слика за големината на номиналниот БДП и проекциите на буџетскиот дефицит на јавниот долг се темелат на ваквиот бомбастичен БДП излегуваат помали и тоа според владата стапката на економски раст е 3,7% светска банка прогнозира 2,6%, а народна банка 3%.

Во 2021 година растот беше 4,5%, без фалби а сега се прави спектакл за три проценти, рече Лукаревска.

Таа посочи дека вкупното задолжување со предложените измени за 2025 година достигнува вкупно 101 милијарда денари и изнесува скоро 21% од структурата на приходната страна на буџетот, што е епохално.

Во пресрет на локалните избори, со зголемувањето на расходите за пензии и плати, владата прави кратења кои директно ја погодуваат економијата и најранливите категории граѓани, истакна Лукаревска.

Таа нагласи дека субвенциите и трансферите се кратат за околу 30 милиони евра, намалени се средствата за развојни проекти за општините, поддршка за мали и средни претпријатија, инвестициите во ТИРЗ-овите, инвестиции во патна инфраструктура, инфраструктурни проекти во општините и реновирање на затворите.

Социјалните надоместоци се кратат за околу 5 милиони евра, што е најголема критика за Владата. Намалувањето на парите за „социјалните случаи“ е антисоцијална политика. Недозволиво е да се крати од најсиромашните слоеви на населението, нагласи Лукаревска, додавајќи дека грижата за почист воздух за оваа влада е само фарса, бидејќи средствата за заштита на животната средина се намалуваат за 13,4%.

Лукаревска најави дека пратеничката група на СДСМ и колаицијата има поднесено 160 амандмани на ребалансот на буџетот, кои имаат за цел да помогнат онаму каде што е најпотребно и најнеопходно, игнорирајќи ја партиската боја.

„Ставајќи ја на пиедестал човечката димензија, затоа што во овој парламент пред се сме луѓе и наша морална обврска е да го направиме сите тоа заедно, односно од понеделник од кога ќе почне амандманската расправа да изгласаме 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани, 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони денари за нова опрема во болницата во Кочани и пак ќе кажам и овие средства се премалку и нема да ги врати изгубените млади животи во оваа несреќа но сепак иако не го прифативте нашето предлог-законско решение за финансиска поддршка на жртвите и нивните семејства и на повредените во несреќата во Кочани барем сега имаме обврска да покажеме една заедничка солидарност“, нагласи пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.