Skip to main content
Македонија

Ловечката федерација на Македонија одбележува 79 години од формирањето

26/04/2025  12:57

Ловечката федерација на Македонија одбележува 79 години од своето постоење. Со свечена академија во реновираната сала на Општина Штип и изложба на ловечки експонати синоќа почна одбележувањето на јубилејот, а денеска членовите на ловечките здруженија кои се дел од федерацијата продолжуваат со низа на активности на терен.

На свечената академија присуствуваа и министрите за внатрешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Панче Тошковски и Цветан Трипуновски. Претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски истакна дека првпат организираат Денови на македонското ловство, а Штип е избран бидејќи е град кој е пристапен од сите страни и, како што рече, има успешен градоначалник и ловечкото здружение „Ловец“ од Штип е едно од најголемите во рамки на Ловечката федерација.

-Од денот на формирањето до денес поминал голем период, исполнет со многу турболенции и падови, но она што поминало, поминало и сега е битно што ќе се случува во иднина и сега. Еден од поголемите проблеми е што поголем број на ловишта се без корисник и се оставени на милост и немилост на ловокрадците, ние со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сме во постојано комуникација за разрешување на овој период, вели Алексовски.

Тој посочи дека во тек се измените на Законот за дивеч и ловство, со цел да се подобри самиот закон и се надева дека за десеттина дена ќе бидат изгласани од страна на македонските пратеници, по што ресорното министерство ќе распише оглас и сите ловишта кои се без концесија ќе бидат доделени на ловечки здруженија.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трипуновски изјави дека манифестацијата по повод 79 години од формирањето на Ловечката федерација ја поддржуваат и финансиски со 600.000 денари.

-Во делот на македонското ловство знаете дека сериозно работевме заедно со Ловечката федерација, во делот на измена на законот за ловство, со коишто се олеснуваат дел од процедурите и се допрецизираат некои работи, кои за жал во минатото не биле дефинирани. Законот е во собраниска процедура и очекувам наредните недела до две да помине и веќе ќе има можност да се објават и оние повици за ловиштата низ Македонија, а се со цел да ги ставиме во полна функција, рече Трипуновски.

Министерот за внатрешни работи Тошковски напиша дека како министер максимално ќе се заложи за унапредување на соработката меѓу МВР и Ловечката федерација.

-Огромно беше задоволството да се биде меѓу ловците. Луѓе домаќини, луѓе кои си ја сакаат државата и ја негуваат природата. Нивната пасија кон ловството е неопислива. Како што и претходно информиравме, а за кое и добивме признание од Ловечката федерација, воведовме електронско аплицирање за издавање на одобренија за набавка на оружје, во моментов работиме на решение за овозможување на полагање стручен испит, а во иднина ќе излеземе и со нов Закон за оружје за кој претходно ќе отвориме јавна дебата и ќе бидат консултирани сите засегнати страни, вели Тошковски.

На свечената академија синоќа беа доделени плакети и признанија на Здруженија и личности кои имаат придонесено за развојот на ловството.