
Кумановските пожарникари интервенирале на шест пожари во попладневните часови, пет се завршени, останува уште еден кој е локализиран и наскоро ќе биде изгаснат, информираше заменик-командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски.
– Пожари имаше во населбата Карпош, Табановце, Четирце, Агино село, атар помеѓу селата Речица и Ваксинце, и една екипа интервенираше во Стрновац. Имаше и пожар на куќа во населба Карпош, изјави Станковски.
Пожарникарите од Старо Нагоричане, пак, интервенирале на два пожара, еден во близина на црквата „Света Петка“ во атарот на Младо Нагоричане и вториот во село Стрновац.
– Една екипа го гасеше пожарот во Стрновац со помош на мештани, беше зафатена стара напуштена куќа, гореа стрништа и нискостеблеста вегетација. Во Младо Нагоричане има опожарен помошен објект и една стара напуштена куќа, сè уште тлее и тука се нашите екипи, изјави командирот на ТППЕ, Далибор Трајковски.