Skip to main content
Свет

Лобирањето за избор на нов папа се засилува, исходот непредвидлив

27/04/2025  14:39

Конзервативците и прогресивците ги засилуваат напорите да ја обликуваат иднината на Римокатоличката црква во пресрет на состанокот на 135 кардинали во Систинската капела, каде што ќе избираат наследник на папата Франциск, пишува Гардијан.

Оваа група на кардинали, која ќе гласа за следниот лидер на околу 1,4 милијарди католици во светот, е понепредвидлива од кога било досега, бидејќи поголемиот дел од нив за првпат учествуваат на конклавата. Покрај тоа, пошироката географска распределба на кардиналите придонесува за дополнителна неизвесност.

Околу 80 отсто од кардиналите со право на глас се именувани од папата Франциск во изминатите 12 години, а 20 станаа кардинали дури во декември минатата година. Многумина од нив се запознаа меѓусебно дури оваа недела во Рим, откако папата почина минатиот понеделник.

Формалните дискусии во рамки на конклавата се очекува да започнат идната недела, но неформалното лобирање низ коридорите, трпезариите и градините на Ватикан веќе е во полн ек.

„Разговорите веројатно траат веќе некое време, особено бидејќи уште од почетокот на годината беше јасно дека здравјето на папата се влошува“, вели Мајлс Патенден, историчар на Католичката црква од Оксфорд.

Над 20 кардинали се споменуваат како потенцијални кандидати (папабиле), но искуството покажува дека ретко некој фаворит на почетокот успева да победи. И самиот папа Франциск, избран во 2013 година, првично не бил сметан за фаворит.

Некои кардинали кои не се во трка за папската позиција се очекува да лобираат за свои фаворити, особено меѓу помалку искусните кардинали. Меѓу оние кои се залагаат за избор на поконзервативен наследник се споменуваат американскиот бискуп Рејмонд Берк и Германецот Герхард Милер.

Од друга страна, во прогресивниот табор се вбројуваат Жан-Клод Холерих од Луксембург, Тимоти Редклиф од Обединетото Кралство и Мајкл Черни од Канада.

Иако некои го обвинуваат папата Франциск дека го „напакувал“ Колегиумот на кардиналите со свои истомисленици, експертите истакнуваат дека ниту еден папа во историјата не успеал целосно да го контролира изборот на својот наследник. Франциск се стремеше да ја прошири застапеноста, вклучувајќи кардинали од земји како Иран, Алжир и Монголија, а истовремено да ја намали доминацијата на Европа и Северна Америка.

Во 2013 година, повеќе од половина од кардиналите гласачи беа Европејци. Денес, тој процент е намален на 39%, додека 18% доаѓаат од Азија, 18% од Латинска Америка и Карибите и 12% од Супсахарска Африка.

Франциск исто така настојуваше да го подмлади телото на кардинали: седум од кардиналите назначени минатиот декември имаат под 60 години, а најмладиот, Микола Бичок, украински бискуп од Мелбурн, има само 44 години.

Првото гласање се очекува веднаш по започнувањето на конклавата, а гласањето ќе продолжи секое утро и попладне додека некој кандидат не добие двотретинско мнозинство.

„Кардиналите ќе бидат под притисок да изберат брзо“, вели Патенден. „Светот ги набљудува, а на верниците може да им биде вознемирувачки ако конклавата трае до јуни или јули.“

Според обложувалниците, фаворити за нов папа се Пјетро Паролин, шефот на ватиканската дипломатија, и Луис Антонио Тагле, кардинал од Филипините.

Интересот за исходот на конклавата е толку голем што пазарот за обложување за избор на нов папа стана еден од најпопуларните оваа година.