Skip to main content
Свет

Лидерот на канадските конзервативци го призна поразот и му ја честиташе победата на премиерот Карни

29/04/2025  09:05

Лидерот на опозициската Конзервативна партија на Канада, Пјер Пољевер, го призна поразот на вчерашните предвремени парламентарни избори и му ја честиташе победата на премиерот Марк Карни, лидерот на Либералната партија, пренесоа агенциите.

-Би сакал да му честитам на премиерот Марк Карни за водењето на малцинска влада, рече Поаливер во обраќањето до своите поддржувачи. Тој додаде дека има намера да остане на чело на Конзервативците. „Ќе ми биде чест да продолжам да се борам за вас“, рече политичарот. Изјавата на лидерот на опозицијата беше емитувана на канадските национални телевизиски канали.

Карни изјави дека неговата земја не треба да ги заборави лекциите од американското „предавство“. Тој ги даде овие забелешки во својот победнички говор пред поддржувачите во Отава по вчерашното предвремено парламентарно гласање во Канада.

-Канада никогаш не смее да ги заборави лекциите од предавството од САД, изјави победникот на изборите, Карни.

Зборовите на премиерот, чија Либерална партија победи на изборите, беа остра критика кон американскиот претседател Доналд Трамп.

-Ќе ја добиеме оваа трговска војна, рече Карни, но предупреди дека претстојат „предизвикувачки“ денови во светлината на царините на Трамп и заканите за анексија на Канада.

Според најновите податоци од Националната изборна комисија, либералите победија на изборите во 162 од вкупно 343 изборни единици, при што за целосно мнозинство беа потребни 172 места. Ова значи дека либералите остануваат на власт, но нема да можат самостојно да владеат, во време кога им е потребен силен мандат во преговорите за царините со американскиот претседател Доналд Трамп, забележуваат агенциите.

Конзервативната партија победува во 149 изборни единици. На третото место е Блок Квебек, кој победи во 23 изборни единици, по што следат Новата демократска партија (8) и Зелената партија на Канада (1). Броењето на гласовите продолжува, но не се очекуваат значителни промени.