Skip to main content
Свет

Либанскиот претседател го обвини Израел за нарушување на стабилноста по новите воздушни напади

21/02/2026  18:04

Либанскиот претседател, Џозеф Аун, го обвини Израел дека ги поткопува дипломатските обиди за стабилизирање на земјата, по серијата воздушни напади насочени кон позиции на Хезболах, пренесе ДПА.

Според претходните информации, во нападите загинале најмалку 10 лица, а околу 50 се повредени, меѓу кои и три деца. Од Хезболах соопштија дека осум од жртвите биле нивни припадници, како и една домашна работничка од Етиопија. Освен објекти поврзани со групата, оштетена била и станбена зграда во близина.

Израелската армија соопшти дека во нападот биле ликвидирани неколку борци на Хезболах одговорни за ракетни напади врз Израел. Според нив, групата, со поддршка од Иран, подготвувала нови акции. Меѓу загинатите, како што наведуваат, е и висок воен командант на Хезболах, Хусеин Јаги.

Аун ги повика меѓународните партнери да извршат притисок врз Израел со цел запирање на нападите и спречување натамошна ескалација. Инаку, Израел и Либан неодамна водеа разговори со посредство на САД за зацврстување на примирјето и отворање пат кон подолгорочен мир, иако формално сè уште се во состојба на војна.