
Соопштение на Левица:
Додека општините под раководство ДПМНЕ нетранспарентно ги трошат милионите од унгарскиот кредит, во една од поголемите општини во Македонија нема шелтери за згрижување на жртви на семејно насилство! Жени кои се жртви на семејно насилство алармираат дека неколку месеци се игнорирани од градоначалникот на општина Битола – Тони Коњановски.
Овие жртви побарале од градоначалникот Коњановски она што законски им следува – обезбедување стан или надомест за кирија до една година, додека финансиски се стабилизираат. Но, освен празни ветувања и бирократски изговори, градоначалникот од редовите на ДПМНЕ нема одговор зошто општината не обезбедува привремено сместување за овие ранливи категории граѓани.
Во услови кога случаи на семејно насилство завршуваат и со фатален крај за жртвата, ваквиот игнорантен однос од Коњановски најмалку може да се окарактеризира како нечовечен! Доколку градоначалникот Коњановски не е запознаен со неговите законски обврски, Левица го потсетува дека согласно Законот за спречување на семејно насилство, единиците на локалната самоуправа се должни да воспостават центри за згрижување на жртви на семејно насилство.
Додека општина Битола и јавните претпријатија акумулираат милионски долгови, градоначалникот е незаинтересиран да обезбеди засолништа за жртвите на семејно насилство. Левица јавно го прашува Тони Коњановски: колку социјални станови се обезбедени на ниво на општина Битола и дали истите се делат по партиски клуч, додека жртвите на семејно насилство се оставени на цедило од локалната власт?!