
Соопштение за јавност на Левица:

Непосредно пред завршување на изборната кампања, Левица одржа народен собир и во Ѓорче Петров на кој присуствуваа лидерот на партијата, Димитар Апасиев, кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ и носителката на листа за советници на Скопје, Катерина Јовановска.
„Време е да им се обратиме на политичките божества кои мислат дека мандатот им е даден од Бога”, порача Александар Димитриевиќ, кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров и истакна дека народот е тој кој им ја дава довербата на избраните, но и дека е дојдено време кога истиот тој народ треба да им го врати мандатот.
„Родени сте голи и боси исто како нас, но поради нас станавте милионери. Поради нас имате вили и имоти во странство, додека нашите деца немаат место во градинка. Мандатот ние ви го дадовме, време е да ви го земеме”, рече Димитриевиќ.
Тој додаде дека Ѓорче Петров заслужува градоначалник кој има емпатија и разбирање за секојдневните проблеми на граѓаните: „Општината треба да ја води човек што ги чувствува тие проблеми, а не политички привилегиран кој живее изолиран од реалноста”, нагласи тој.
Носителот на советничката листа за Ѓорче Петров, Дејан Димовски, во своето обраќање истакна дека партијата е целосно задоволна од поддршката и приемот на нивната програма од страна на граѓаните.
„Иако медиумски не цензурираа, апсолутно не успеаја во тоа. Ние, заедно со народот успеавме да ја промовираме нашата изборна програма со нова визија за Ѓорче и нова визија за Скопје”, истакна тој и порача дека изборот на граѓаните во недела е „многу едноставен” и дека станува збор за судир на две спротивставени визии: „Народот во Ѓорче избира помеѓу нив и нивната бетонизација, и нас и нашата хумана урбанизација”.
Во обраќањето Димовски ги посочи и главните проекти од програмата на Левица за општината и потенцираше дека тие се фокусирани на реални проекти и решенија. Посебно внимание посвети и на урбанистичките политики и заштитата на животната средина: „Народот гласа за поништување на ДУП-от СЗ 16, против депониите во Ѓорче, против загадениот воздух и против партизираната администрација”.
На крај од обраќањето истакна: „Конечно, во недел, на една страна на ливчето е урбанистичката мафија, а на другата страна, под број 6 е народот. Изборот е многу едноставен”, заврши Димовски.