Skip to main content
Македонија

Левица: Власта ја избра партиската суета наместо заштита на жртвите на семејно насилство

19/12/2024  09:02

Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:

На вчерашната собраниска седница, пратениците од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ не гласаа за предлог-измените на Кривичниот законик, со кој Левица предлагаше кривичното дело „телесна повреда при семејно насилство” да се гони по службена должност, без предлог на жртвата. Ваквата партиска суета и ароганција на владејачкото мнозинство, јавноста ја сведочи во континуитет. Додека декларативно се залагаат за борба против семејното насилство, нивното вистинско лице е лицемерие – зборови без дела, кампањи без конкретни чекори.

Потсетуваме дека пратеничката група на Левица поднесе предлог-измена на Кривичниот законик (односно, измена на членот 130, став 5) во насока на зголемена превенција во борбата против семејното насилство. Емпириските податоци говорат дека сегашното законско решение, кое бара писмена согласност од жртвата за гонење на телесната повреда при семејно насилство, не само што е нефункционално, туку е и штетно. 

Фактичката состојба укажува дека законодавецот не ги зел предвид психолошката состојба на жртвата, заканите, притисоците и надворешните фактори на емотивно ранливата жртва. Доколку делото телесна повреда при семејно насилство се гони без предлог од жртвата, тоа ја олеснува позицијата на жртвите и обезбедува независна интервенција од страна на државата. Во повеќе трагични случаи на фемицид, токму ваквиот пропуст, кога жртвата го повлекува предлогот за гонење под притисок, резултираше со изгубени животи кои државата можеше да ги спаси!

Тоа што пратениците од власта ја одбија измената на Кривичниот законик, само поради тоа што доаѓа од Левица, ја покажува нивната ниска политичка свест и совест, која не може да ги надмине теснопартиските интереси. За жал, ваквото штетно политичко делување на владејачкото мнозинство, ќе се рефлектира директно врз жртвите на семејното насилство, кои освен формални кампањи и празни флоскули во борбата против семејното насилство – се целосно оставени сами од страна на државата. 

Со ова, коалицијата ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ ја презема целосната одговорност за идните трагедии кои можеа да бидат спречени со еден глас за промена. Ова не е само прашање на закон, туку прашање на човечност и обврска кон оние кои немаат глас, но имаат право на живот, достоинство и заштита.