Skip to main content
Македонија

Левица: Владата не го чепка сопствениот луксуз туку зема од најранливите 

09/06/2025  12:35


Последното скандалозно намалување на посебниот додаток за лицата со попреченост предизвика бурни реакции и оправдан револт кај граѓаните. Наместо предвидените 7.300 денари, државата во април исплати само 6.500 денари, а во мај уште помалку – 5.800 денари. Ова е срамно и понижувачко!

Но, тоа не е сè! Намалувања има и кај социјалната помош, детскиот и образовниот додаток. Овие кратења ги засегаат најранливите семејства и деца, кои и онака се борат со сиромаштија.

Јавно прашуваме дали Владата ќе се откаже од скапи апетисани, морски плодови и аспарагус на сметка на социјалните трансфери? Или пак, и натаму ќе се расфрлаат со буџетски пари за луксузирања додека народот гладува?

Ова е уште еден доказ за целосната отуѓеност на оваа ненародна власт! Наместо да ги скрати непродуктивните трошоци и да покаже солидарност, таа крати од оние на кои најмногу им е потребна поддршка. Ваквото однесување е срамно, нечовечно и мора веднаш да престане.

Бараме итно зголемување и исплата на целосниот износ на сите социјални надоместоци, како и транспарентна и одговорна распределба на јавните средства!