Skip to main content
Македонија

Левица: Тошковски продолжува со алармантни тендери – милиони ќе се слеат во блокирани и фантом фирми

24/05/2025  11:19

Соопштение на Левица:

Левица изразува сериозна загриженост и најостра осуда за начинот на кој Министерството за внатрешни работи спроведува јавни набавки, претворајќи ги институциите на државата во алатка за фаворизирање на приватни интереси и очигледна злоупотреба на буџетски средства.

Медиумите веќе обзнанија за скандалозниот тендер со „Ле Бранд” и „Памитекс Тим”, чија деловна историја, големина и профил на дејност се во целосен судир со обемот и природата на договорите кои им се доделени од МВР – вредни речиси 4 милиони евра. Униформите за специјалните единици на МВР ќе ги шијат женско модно студио со двајца вработени и фирма формирана 20 дена пред распишувањето на тендерот која воопшто не фигурира на седиштето (станот) наведен во Централниот регистар.

Левица ја информира јавноста и за уште еден скандал поврзан со јавните набавки на Министерството за внатрешни работи – овојпат за договор вреден 18.821.466 денари, склучен со битолска компанија ММ ПАК ЕЛПЕНИК ДООЕЛ.

Станува збор за компанија со три блокирани сметки од 2023 година и актуелна блокада, со само пет вработени. Приходот кој оваа блокирана компанија ќе го оствари преку овој тендер е три пати поголем од нејзиниот досегашен годишен приход. Сепак, МВР склучува договор за опремување на своите одморалишта со постелнини и кујнски инвентар по крајно сомнителни и очигледно пренадувани цени.

Цените на предвидените артикли за набавка се повеќекратно повисоки од оние во стандардната малопродажба коишто граѓаните редовно можат да ги најдат на рафтовите. Наместо поефтини услови, какви што обично се добиваат при набавки на големо, МВР прифаќа понуди кои се директно штетни за државниот буџет. Па така, на пример, од народниот буџет ќе издвоиме 1.650 денари за еден кујнски нож, 495 денари за една жица за матење, 33.000 денари за еден блендер, 8.250 денари за една супиера и слично.

Дополнително, потсетуваме и на случајот со „Дон Холдинг” – фирма која, според претходни јавни настапи на ВМРО-ДПМНЕ, беше поврзувана со сериозни злоупотреби во времето на поранешниот министер Спасовски. Наместо да се преиспитаат тие постапки, новото раководство на МВР повторно склучува договори со истата компанија, без никакво јавно образложение.

Очигледно, Министерството на Тошковски, наместо да биде примарна институција на закон и ред, продолжува да биде извор на сомнителни финансиски трансакции. Корупцијата не е ниту прикриена, туку таа е институционализирана и се одвива пред очите на целата јавност.