
Соопштение на Левица:
Во врска со срамната, крајно вознемирувачка и лажно обвинувачка објава на Петар Богојески, актуелен функционер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, новопечен доцент на Воената академија и близок соработник на премиерот Христијан Мицкоски, со која без никакви докази се клевети парламентарната политичка партија Левица и се навредуваат нејзините членови, најавуваме тужба за клевета и навреда, како и кривична пријава за предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на политичка припадност против овој владин функционер.
Скандалозните јавни обвинувања дека „Левица убива деца” (!?) не се само злонамерни, налудничави и целосно неосновани, туку претставуваат директно поттикнување омраза и загрозување на безбедноста на нашите членови! Дополнително, прогласувањето на сите левичари за „психопати” од некој кој со децении е носител на високи извршни функции во државната администрација, а со тоа и директен креатор на нездравото социјално опкружување, во најмала рака е игнорантно, неодговорно, а во неговиот случај и простачки.
Политичката злоупотреба на трагичниот настан во Прилеп, преку негово паушално поврзување со Левица, претставува циничен и безобзирен обид за политичко профитирање врз истиот. Наместо одговорност, гледаме подмолна манипулација со цел дискредитација на политички противници од страна на власта.