
Соопштение на Левица:
Заради енеормното и долготрајно загадување на воздухот предизвикано од цементарницата „Титан Усје”, кое најдиректно и најтешко ги погодува жителите на Општина Аеродром, советниците на Левица во Аеродром поднесоа Резолуција со Предлог – заклучок за конкретни и итни мерки за заштита на јавното здравје. Паралелно со ова , советниците на Левица во Општина Кисела Вода поднесоа иницијатива поврзана со транспарентното и континуирано информирање на граѓаните за квалитетот на воздухот.
Со поднесената Резолуција во Општина Аеродром, Левица бара мерната станица во Усје да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време, интегрирано со сите јавни апликации за квалитет на воздух; Усје да инсталира автоматски ситем за континуирано следење на емисиите директно поврзан со Министерство за животна средина, со автоматско алармирање при надминување на дозволените вредности; ревидирање на мерките за прогласување вонредна еко-состојба, со автоматски привремен прекин на работа на цементарницата при надминување на граничните вредности; усогласување и заострување на граничните вредности на ПМ10, ПМ2,5, NO₂ и други загадувачи; забрана за употреба на високо-загадувачки горива; кадровско пополнување и акредитација на Централната лабораторија за животна средина; донесување на целосна забрана за увоз на отпад; да не се обнови А-интегрираната дозвола сѐ додека не се исполнат барањата и Јавното обвинителство да ја процесуира кривичната пријава за загадување против цементарницата.
Дополнително, советниците на Левица во Општина Кисела Вода, на чија територија се наоѓа цементарницата, поднесоа иницијатива за поставување на информативни табли со податоци за квалитетот на воздухот во реално време на сите фрекфентни локации, со цел навремено информирање, заштита на здравјето и зголемена транспарентност. Исто така на Седница на Совет побараа одговор дали Усје користи РДФ отпад како гориво образложувајќи дека РДФ содржи пластика, гума, текстил и други материјали што при согорување испуштаат диоксини и тешки метали.
Потсетуваме дека Левица континуирано ја води оваа борба на сите нивоа. Преходно Советниците во Град Скопје поднесоа барање за вонреден инспекциски надзор во Усје и предложија низа амандмани на Буџетот со конкретни антизагадувачки мерки (еколошки дрва, субвенции за прочистувачи и филтри). Борбата се води и од Собранието каде само пред неполн месец, пратеникот Реџеп Исмаил јавно побара да не се издава А-интегрирана дозвола за Усје.
И додека Усје остварува енормни профити граѓаните на Скопје дишат загаден воздух, децата растат во нездрава средина, а здравјето на народот се жртвува за екстра профит што завршува во странство, имаме комплетен недостаток на било каков план и иницијатива од институциите, валдата и собранието за решавање на овој проблем. Уште повеќе, само пред неколку дена, на состанокот меѓу Стопанската комора и раководството на Усје беше заклучено дека цементарницата “не го загадува” амбиенталниот воздух во Скопје.

