Skip to main content
Македонија

Левица со поддршка на првомајските протести

30/04/2025  14:06

„Во време кога капиталот ја гаси секоја искра на отпор, платите стагнираат, цените растат, а власта парче по парче ги крати работничките права и ја продлабочува социјалната неправда, време е за работничка солидарност! 1 Мај е денот кога работникот треба да покаже дека неговиот глас никогаш нема да биде замолчен”, порачуваат од политичката партија Левица.

Од партијата велат дека владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ со своите празни ветувања за обновување на „гордоста”, оставила работниците да се борат сами за своето егзистенцијално опстанување, додека постепено се губи достоинството на трудот. Работникот наместо подобрување – добил понижување. 

„Партиите на олигархијата, исклучени од реалноста, за нецелосен мандат на власт, во повеќе наврати ја демонстрираа својата оттуѓеност од реалните потреби на работниците и наклонетоста кон интересите на капиталот, и бессрамно одбија реални решенија за подобрување на правата на работникот, додека тие уживаат во своите удобни фотељи. Така за само неколку месеци власт во работникот доби зголемена сиромаштија и институционализирана неправда која ги погодува најранливите во општеството.

Потсетуваме дека, додаваат оттаму, додека Левица нудеше законски решенија за подобрување на работничките права – работникот да добива надоместок за патни трошоци, платата да ја добива навреме до 5-ти во месецот, избегнувајќи непотребни казнени камати за задоцнето плаќање, породилно отсуство за мајките од 18 месеци, владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ јасно застана на страната на капиталот и ноншалантно ги одбиваше сите предлози кои значеа враќање на достоинството за работникот, а најлошо од сѐ – се изземаа од трипарттитниот договор со капиталистите, кадешто требаше да бидат гарант дека работниците ја имаат подршката од државата.

Затоа, 1 Мај не е ден за тишина – 1 Мај е ден за отпор, за гласно, организирано НЕ на капиталистичкиот систем што ги гази нашите животи. За систем што ќе служи на работникот, а не на профитот. Левица како единствена партија која се бори за подобар статус на работникот, го подржува протестот на ССМ за 1 Мај, и ги повикува сите работници на сплотеност и истрајност во борбата за работничките права”, се вели во соопштението на Левица.