Skip to main content
Македонија

Левица: РЕК Битола повторно го загрози животот на граѓаните со радиоактивен пепел

23/04/2025  09:58

Соопштение на Левица:

Радиоактивниот облак од пепел што се издигна над Битола како резултат на неодговорното работење на РЕК Битола, уште еднаш ги потврди укажувањата на Левица: Македонија е жртва на еколошка катастрофа поддржана од политичка немост и корупција. Без разлика дали на власт е ДПМНЕ или СДС – институциите се неми и парализирани пред интересите на големите загадувачи.

Загадувачите не се плашат од закони кои речиси никогаш не се спроведуваат. Симболичните казни не само што не ги одвраќаат, туку директно ги охрабруваат да продолжат со уништување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Погубната пракса на неказнивост стана правило, а народот ја плаќа цената.

Јасен е и примерот од 2019 година, кога беше поднесено обвинение за сличен еко-инцидент за РЕК Битола. Шест години подоцна, ништо не е променето. Ова е недвосмислен доказ дека еколошката правда во Македонија е мртва буква на хартија.

Последиците од неодговорното работење на РЕК Битола ќе бидат долгорочни и несогледливи. Токсичната пепел ќе остане во почвата, ќе ги контаминира водите, ќе го уништи земјоделството во Пелагонија и трајно ќе го загрози здравјето на целото население во регионот.

Левица бара итна и неотповиклива оставка од директорот на РЕК Битола, Тони Петрушевски – блискиот соработник и сопартиец на премиерот Мицкоски. Тој мора да сноси одговорност за нанесената штета.

Назначувањето на партиски кадри без експертиза на клучни позиции доведе до еколошки колапс, не само во Битола, туку и на локации како неодамнешната катастрофа со рудникот Тораница.

Дополнително, повикуваме на:
Јавна, ефективна и транспарентна судска постапка;
Одговорност од сите раководни структури на РЕК Битола;
Ревизија на постојните еколошки стандарди;
Спроведување на реални и суштински мерки за санација на штетата.