
Соопштение на Левица:
И во текот на летните денови Скопје останува задушено во чад. Незаинтересираноста на институциите да ги надминат проблемите со депонирање отпад, повторно и повторно ги трујат граѓаните. Пожарите на дивите депонии не се резултат на несреќа, туку последица на долгорочно институционално занемарување, а последен таков се случи викендов во депонијата кај Шуто Оризари.
Според катастарските парцели, дел од територијата којашто ја зафаќа оваа дива депонија се наоѓа на земјиште под директна надлежност на Министерството за одбрана. Левица претходно поднесе барање за инспекциски надзор и расчистување на оваа депонија, а за истата по наша иницијатива од Град Скопје беше известено и Министерството за одбрана. Сепак типично за функционерите на ДПМНЕ, Министерот Мисајловски не се заложи за решавање на овој проблем.
Со оглед на тоа дека депонијата се наоѓа во рамките на Министерството за одбрана, другите институции одбиваат да преземат одговорност за расчистување на истата, а граѓаните од околината стравуваат од опасност за горење на воен отпад, со потенцијално опасни хемикалии и евентуално долгорочно канцерогено дејство.
Иако Скопје се гуши во чад, Мисајловски седи со скрстени раце и продолжува со партисо-маркетиншки активности, без никаква намера да понесе одговорност за сопствениот удел во загадувањето на главниот град. ДПМНЕ уште еднаш покажа дека нема никаква стратегија за заштита на животната средина, додека кон Министерството за екологија и животна средина гледаат само на инструмент за задоволување на коалициските договори.
Левица бара итна и неодложна реакција од Министерството за одбрана за расчистување на дивата депонија која се наоѓа во границите на територијата со која тие раководат. Го повикуваме министерот Мисајловски да објасни на граѓаните зошто се појавуваат пожари и каков тип на отпад се гори во депонијата настаната во неговиот двор.