
Пратеничката група на Левица денес поднесе кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски за кривично дело попречување на правдата, согласно член 368 став 5 од Кривичниот законик. Пријавата, потпишана од сите шест пратеници на Левица, е поднесена во врска со трагедијата во Кочани.
На прес-конференција пред Обвинителството, пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, изјави дека премиерот извршил директно влијание врз републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со цел да го заштити од разрешување, и со тоа да обезбеди селективна истрага.
„Владата и Министерството за правда утврдија сериозни прекршувања во работата на обвинителот Коцевски – корупција, судир на интереси и противзаконско постапување. Наместо да биде разрешен, постапката беше прекината. Тоа го сметаме за договор, за политичко покривање и за директна корист понудена од страна на премиерот” – изјави Апасиев.
Левица обвинува дека истрагата намерно не опфатила седум високи функционери блиски до ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои: началничката на ОВР Кочани, началникот на одделот за криминалистички работи во Кочани, началникот на СВР Штип, главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани, сменоводителот во ПС Кочани, сопственикот на приватната агенција за обезбедување, како и директорот на Државниот пазарен инспекторат – Влатко Стојковски.
„Овие лица мораше да бидат опфатени во истрагата. Според нас, сметаме дека нудењето некаква корист е со цел, прво, овие актуелни вмровски функционери коишто спред неофицијални информации, дел од нив се вклучени во заштитата на рекетот и дрогата во источна Македонија – да не бидат опфатени. Дел од овие луѓе му биле советници на министерот Панче Тошковски во техничката влада и имале разработени канали за испумпување пари преку лажни полномошна од МВР” – изјави Апасиев.
Пријавата содржи 14 писмени докази и се бара распит на премиерот. Апасиев го обвини Коцевски и за криво поставено, политички конструирано обвинение против 60 лица, кои се товарат за тешки дела против безбедноста, наместо за корупција кон која сите посочуваат.
„Обвинението е поставено правно неосновано и со ризик да падне во судска постапка. Не може сите обвинети луѓе да ги обвините за исто дело – предизвикување на општа опасност” – изјави тој.
Апасиев најави уште две кривични пријави против Мицкоски од кои едната ќе биде за оддавање службена тајна.