Skip to main content
Македонија

Левица поднесе интерпелација за државниот обвинител Коцевски

25/07/2025  17:51

Собраниската расправа за интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е закажана за вторник, 29 јули. Коцевски писмено одговори на интерпелацијата поднесена од шестмината пратеници на Левица, притоа обвинувајќи ги за политичка злоупотреба и неразбирање на функцијата што тој ја извршува.

Конкретно за трагедијата во „Пулс“, Коцевски тврди дека истрагата ги опфаќа сопствениците, обезбедувањето, одговорни лица во повеќе институции, па дури и високи полициски службеници.

Љупчо Коцевски, Државен јавен обвинител

– Јавното обвинителство во сите предмети, вклучително и во предметите оформени за одговорност по катастрофалната кочанска трагедија постапува исклучиво врз основа на доказите. Притоа осомничените не ги дели на членови на ВМРО, СДСМ, ДУИ, Левица, на Македонци, Албанци, Турци или Роми, на мажи или жени, ниту на кој било друг основ. Постапува спрема сите за кои се обезбедени докази. Постапува и против сопствениците и поврзаните лица со дискотеката, и против обезбедувањето, и против сите одговорни лица во неколку институции кои со своето постапување или непостапување овозможиле таа дискотека да работи толку години.

Интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител кон крајот на јуни годинава ја поднесе пратеничката група на опозициската Левица поради, како што тогаш наведоа од партијата, нефункционалност и политички влијанија врз работата на Јавното обвинителство.

– Јавниот обвинител категоричен дека немал влијание, ниту пак договор со премиерот Мицкоски, а во својот официјален одговор доставен до Собранието меѓу другото тврди и дека интерпелацијата е политички атак врз независноста на Обвинителството, вели Сашко Јанчев, од Левица.

И додека надлежните си ја префрлаат топката, кога станува збор трагедијата во Кочани, доследни во барањето за правда и одговорност остануваат родителите на загинатите, кои што секоја сабота, на пеколни температури маршираат низ кочанските улици. Тие и утре, со почеток од 18 часот и 5 минути ќе го одржат 16тиот по ред „Марш за ангелите“