
Соопштение на Левица:
Судијата Пајазит Пајазити, кој на припадникот на терористичката УЧК Блерим Рамадани баран со потерница од Интерпол, му определи екстрадиционен куќен притвор и му овозможи да се даде во бегство во Косово – од Судскиот совет наместо разрешување, доби само 30% пониска плата.
Оваа одлука на Судскиот совет е скандалозна имајќи предвид дека Пајазит Пајазити ги исполнува и двете законски основи за разрешување: нестручно и несовесно вршење на судиската функција и сторена потешка дисциплинска повреда.
Согласно Законот за судовите, за потешка дисциплинска повреда се смета, меѓудругото, и одбивање на судијата да поднесе изјава за имотна состојба и интереси или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистинити. Името на судијата Пајазит Пајазити не може да се најде на веб-страницата на ДКСК, па така, неговата имотна состојба е недостапна за јавноста и Антикорупциската комисија, иако тој бил должен да приложи анкетен лист во законски определен рок и навремено да ги пријавува сите промени. Скандалозно е што на волку озогласен судија со спорни одлуки зад себе со предизвикани тешки последици, кои алудираат на корупција, надлежните органи си дозволиле да не следат никаков траг на имотот или да ја проверат веродостојноста.
За нестручното и несовесното работење на овој судија говорат две бегства, неодредувањето притвор на Беким Незири и уште тројца други осомничени во насилниот инцидент во М-НАВ (спротивно на стандардите и судските практики), одредувањето на условна казна од една година на поранешниот народен правобранител Иџет Мемети кој призна дека примал мито.
Пајазити како судија за извршување на санкциите го игнорираше начелото на итност, и покрај изминатиот период за доброволно пријавување во затворот – не издаде веднаш наредба за пронаоѓање и спроведување на осудениот Груевски во затвор, туку почека неколку дена, со што му овозможи бегство поради неажурност.
Во случајот со Рамандани, судијата Пајазит одлучи на странски државјанин да му определи домашен притвор кај роднини, а полицијата на Тошковски не постави обезбедување, односно надзор над обвинетиот за тероризам. Овие здружени “пропусти” му овозможија на Блерим Рамадани глатко да ја помине македонската граница, а коалиционите партнери на ДПМНЕ се пофалија дека го ослободиле терористот на УЧК. За овој “пропуст” од меѓународни размери, никој не понесе одговорност.
Оваа одлука на Судскиот совет со која на судијата Пајазит Пајазити му се овозможува да продолжи да биде судија, дополнително широко отвора врати за подлабока корупција и продлабочувањето на недовербата во судството.