
Соопштение на Левица:
Додека скопјани секојдневно се прашуваат дали воопшто ќе им дојде автобусот, а кога ќе дојде се возат во застарени и небезбедни возила кои неретко се расипуваат или дури се палат среде улица, јавниот превоз и понатаму останува жртва на штетните зделки скроени од ДПМНЕ. Она што денес го гледаме не е нова состојба, туку директен резултат на воспоставената шема со која јавниот превоз е свесно претворен во извор на профит за блиски приватни фирми. Најновиот доказ за тоа е договорот помеѓу Државната лотарија и компанијата „Маратон”, вреден 23,6 милиони денари, односно речиси 386.000 евра, за рекламирање на автобуси и автобуските постојки во Скопје.
Овие пари природно требаше да завршат во касата на ЈСП, јавното претпријатие кое реално располага со автобусите и инфраструктурата, но наместо тоа, тие повторно се слеваат во приватниот монопол на „Маратон”, создаден со скандалозниот 10 годишен договор потпишан во 2018 година од амнестираниот Игор Јанушев – тогаш директор на ЈСП, а денес генерален секретар на Владата. Со овој договор, „Маратон” доби ексклузивно право да го продава рекламниот простор на автобусите и постојките, а ЈСП се остави без сопствен маркетинг сектор и дури, според одредени извори, за да се рекламира за сопствени потреби мора да му плаќа надоместок на приватникот.
Оваа шема значи директна загуба за јавното претпријатие. Наместо годишен приход од над 23,9 милиони денари што ЈСП би можело да го оствари ако самостојно го продаваше рекламниот простор, претпријатието се задоволува со едвај 9,3 милиони денари годишно од фиксниот закуп што го плаќа „Маратон”. Тоа значи дека само од овој договор ЈСП губи речиси 236.000 евра годишно, или повеќе од еден милион денари месечно. Ако вакви зделки има три или пет во текот на годината, што е сосема очекувано за град како Скопје, загубите достигнуваат и до 1,2 милиони евра годишно. Кумулативно, од 2018 година до денес ЈСП има пропуштено најмалку 1,8 милиони евра приход, а до истекот на договорот во 2028 оваа бројка ќе се искачи на над 2,3 милиони евра.
Станува збор за типичен пример на паразитска приватна рента врз јавен ресурс. ЈСП има статутарна можност да врши маркетинг и да продава реклами, но е намерно оставено без алатки и кадар за тоа. Дури и еден ваков договор годишно ја надминува целата кирија што ја добива од „Маратон”, што уште еднаш ја потврдува штетноста на оваа шема. Секој директор кој го продолжувал и го продолжува овој тренд, од Јанушев, па сè до актуелниот Драги Кушевски, директно ја осиромашува јавната услуга и ја поткопува можноста за нови инвестиции во автобуси и подобар превоз за скопјани.
Левица постојано алармира дека јавниот превоз е свесно осакатен заради вакви криминални договори. Наместо во подобар сервис за граѓаните, парите завршуваат во фирми блиски до власта. Ова е системска саботажа на јавниот интерес.
Договорот со „Маратон” истекува во 2028 година, што значи дека идната градска власт ќе мора да одлучи дали ќе потпише нов анекс со приватниот монопол и ќе ја продолжи оваа штетна практика, или конечно ЈСП ќе почне самостојно да стопанисува со своите ресурси и приходите ќе се вложуваат онаму каде што им е местото: во нови автобуси, подобра инфраструктура и квалитетен јавен превоз.
На претстојните локални избори граѓаните ќе одлучат дали сакаат функционален јавен превоз или ќе дозволат ДПМНЕ и натаму да ја користи касата на ЈСП за наградување на блиските фирми.