Skip to main content
Македонија

Левица: Непостапувањето на МВР и Тошковски за мир во коалицијата кулминира со физички напад врз жена

11/07/2025  17:22

Соопштение на Левица:

АФЖ Левица најостро го осудува бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, како и врз службите на Градот кои на лице место беа изложени на вербални навреди и физичко насилство со клоци и тупаници.

Ова е срамно и длабоко загрижувачко за сите граѓани. Ако вака се напаѓа градоначалник на главен град, што останува за обичниот граѓанин кој се осмелува да пријави криминал или корупција?

Иронично, токму владата на ДПМНЕ која со празни флоскули ги повикува граѓаните да пријавуваат криминал, на дело демонстрира апсолутна немоќ и незаинтересираност да ги заштити оние кои го разоткриваат. 
Уште полошо, стануваме сведоци како министерот Панче Тошковски, под притисок на нивниот коалиционен партнер ВРЕДИ, целосно изостанува со преземање на какви било мерки, додека во исто време партиските и пропагандни структури на ДПМНЕ се целосно впуштени во оркестриран јавен линч кон градоначалничката која токму тие ја кандидираа.

Дополнително, загрижува молкот на министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кои и покрај тоа што треба да реагираат на вакви напади врз локалната власт, досега не проговорија ниту збор. Овој срамежлив молк всушност е премолчена заштита на очевидните криминали и злоупотреби што излегуваат на виделина, а со тоа и соучесништво во обидот да се заплашат сите кои би се осмелиле да ги разобличат.

Градоначалничката Арсовска континуирано и јавно и институционално алармира за заканите и нападите врз неа. Сепак, институциите остануваат глуви и парализирани и тоа е уште еден доказ за партизираноста на безбедносниот и правосудниот систем.

АФЖ Левица повторно и недвосмислено ги повикува надлежните институции да постапат итно и транспарентно по овие наводи, да обезбедат заштита на градоначалничката и службите, а оние кои учествуваат во насилството и заканите да бидат соодветно санкционирани, без оглед на нивната политичка или криминална позадина.

Насилството врз жени на јавни функции е недозволиво и претставува опасен пример за тоа како се обесхрабрува секоја жена да се вклучи во јавниот живот. Со вакво неказнето дивеење, на сите ни се испраќа поразителна порака дека државата нема волја да го заштити ниту јавниот интерес, ниту достоинството и безбедноста на жените.