
Изјавата на членката на ДКСК, Цвета Ристовска, дека немала обврска да ги пријави фирмите на своите деца бидејќи „не живеела во исто домаќинство со нив уште од 2017 и 2019 година”, е лесно проверлива и целосно паѓа во вода пред нејзините сопствени документи.
При изборот за член на Антикорупциската комисија во 2024 година, Цвета Ристовска во анкетниот лист пријавува имот на своите деца (стан, моторно возило, кредитни картички), што недвосмислено значи дека во тој момент самата ги третирала како членови на семејството во смисла на законот и значи дека таа живеела со нив.
Но токму во тој ист анкетен лист, свесно и намерно ја изоставува фирмата БУСТ ДООЕЛ увоз-извоз, која постои уште од 2020 година, регистрирана на име на нејзиниот син, а во 2024 година добива милионски суми за изборната кампања. Значи, не станува збор за новооснована фирма, ниту за пропуст поради незнаење, туку за селективно прикривање на податок кој бил актуелен и законски релевантен во моментот на пријавувањето!
Оттука, тврдењето дека немала законска обврска поради „неживеење под ист кров” е ретроактивен изговор, измислен откако фактите излегоа на виделина.
Особено скандалозно е што токму таа е дел од телото кое санкционира функционери за непријавување имотна состојба, неточно, нецелосно или манипулативно пополнување на анкетни листови. Прашањето кое логично се наметнува е дали антикорупционерка која самата селективно пријавува податоци после ова, воопшто има легитимитет да одлучува за интегритетот на други?
Особено индикативна останува и изјавата на претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, дека анкетните листови на членовите на Комисијата „се проверувале секоја година”. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува прашањето каква е таа проверка кога дури по две години, и тоа по јавно обелоденување од Левица, се открива дека член на ДКСК има непријавени фирми поврзани со најблиското семејство?
Фактот што ДКСК дури сега, по јавното разобличување од Левица, отвора предмети за овој случај, дополнително ја компромитира институцијата и ја потврдува тезата дека без притисок – нема ни институционална реакција.
Што се однесува до „интегритетот” и тврдењата за редовно изземање, доволно е да се потсетиме на јавноста добро познатиот случај со спорната диплома на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Токму кај Цвета Ристовска „се падна” предметот, и покрај фактот што таа е предавач на истиот Универзитет за туризам и менаџмент, по што Комисијата утврди дека ништо не е спорно. Тоа е најјасниот доказ дека неизземањето за неа е пракса.
Левица нема да дозволи ваквите манипулации да поминат тивко. Интегритетот на ДКСК не се брани со изјави, туку со факти, а фактите, во овој случај, се поразителни за Цвета Ристовска и за системот што ја штити.
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица
