Skip to main content
Македонија

Левица: Наместо да се провери дипломата на Христовски – факултетот за безбедност го избра за асистент

18/12/2024  09:24

Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:

Девалвацијата на високото образование и академската фела ја достигнува својата кулминација во владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ, кога лица со сомнителни и контроверзни дипломи се избираат за асистенти на државните универзитети. Левица го оценува за скандалозен изборот на Бојан Христовски за асистент на Факултетот за безбедност од страна на Наставно-научниот совет, кој воопшто не ги зел во предвид недостатоците во неговата диплома, за кои претходно ја алармиравме јавноста. 

При контроверзниот избор за асистент на Христовски, во јавноста реагираше и друг кандидат кој бил дисквалификуван од страна на Факултетот за безбедност, кој обзнани дека спорниот сертификат ТОЕФЛ на Христовски бил истечен кога аплицирал на конкурсот за избор на асистент. Имено, сертификатот на Христовски е издаден во 2022 година и истиот е со важност од две години, по што мора да се повтори. Ако ова не било доволно за Наставно-научниот совет на Факултетот за безбедност за да го дисквалификува Христовски при изборот за асистент, тогаш Наставно-научниот совет морал да ги земе во предвид дури 7 суштински повреди на неговата фалсификат диплома од Универзитетот Скопје, која воопшто не ги исполнува условите од Правилникот на МОН.

Изборот на Бојан Христовски за асистент е потврда дека, со ваквата експлицитна партизираност, УКИМ ќе продолжи да тоне на сите меѓународни листи, каде за асистенти и професори се избираат лица според нивниот партиски ангажман, наместо според стручноста и научниот ангажман. Ова е само дел од скандалите на ДПМНЕ, откако и баџанакот на Панче Тошковски – Стевчо Јолакоски, беше избран за доцент на Факултетот за безбедност, при што беше дисквалификуван студент на генерација!

Левица јавно бара одговори од министерката Јаневска што констатирала Просветната инспекција во однос на дипломата на Бојан Христовски, издадена од Универзитетот Скопје. Исто така, инспекторатот мора веднаш да го испита работењето на Универзитетот Скопје (поранешен Универзитет за менаџмент и туризам) поради издавање дипломи со суштествени недостатоци. Ќе потсетиме дека ректор на овој приватен универзитет е Аце Миленковски, поранешен градоначалник од редовите на ДПМНЕ. Оттука, оправдани се сомневањата дека овој приватен универзитет служи само за принтање дипломи на партиските подобни кадри од ДПМНЕ, со што македонското високо образование ќе продолжи да тоне.