
Соопштение на Левица:
По реакциите на Левица, сѐ уште нема ни трага ни глас од Министерството за одбрана предводено од министерот на ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Случајот со конкурсот за запишување кандидати за стручно оспособување и усовршување за офицери, уште еднаш ја разоткрива длабоката коруптивна матрица во Министерството за одбрана. Иако од Министерството тврдеа дека биле примени “најдобрите кандидати” – анализата на Левица во врска со бодирањето покажа сериозни сомнежи за манипулација со резултатите така што интервју-бодовите биле намерно прилагодувани за да се елиминираат најдобрите кандидати, и покрај тоа што според општиот успех, познавањето на англиски јазик и физичките проверки тие биле во сериозна предност.
Информациите велат дека голем број од примените во т.н. прва група воопшто не ги поминале физичките проверки, а сепак добиле бодови кои им овозможиле да го исполнат критериумот. Исто така, информациите се и дека јавно прочитаните резултати од тестот по англиски јазик и официјално впишаните бодови на конечната листа не соодвествуваат. Повторно напоменуваме дека интервјуто како најсубективна етапа, никако не смее да биде пресудно за избор. Кои биле прашањата на интервјуто, дали биле унифицирани, и по кој основ еден кандидат добивал максимални 20 бода, а друг доволно ниски за да биде елиминиран?
Во Министерството за одбрана постојат дури три органи кои имаат надлежност да ги истражат и разобличат овие неправилности – Секторот за внатрешна ревизија, Секторот за инспекција и Директоратот за безбедност и разузнавање во одбраната. Тие имаат јасни законски и институционални надлежности: да извршат темелна проверка, да утврдат одговорност и да спречат понатамошни злоупотреби.
Доколку овие органи не постапат по допрен глас и не излезат со став пред јавноста, сериозно се доведува во прашање кредибилитетот на самото Министерство – институција која формално има воспоставено механизми за внатрешна контрола, но кои очигледно остануваат само на хартија.
Левица бара надлежните органи за контрола во Министерството за одбрана да извршат надзор, да ги проверат сите записници од тестовите за физичка подготвеност, англиски јазик и методологијата на интервјуирање и да ги изнесат пред јавноста сите недоследности.
Истовремено, Министерството за одбрана, го повикуваме јавно да го истакне и второто решение за прием на втората група на курсисти, како што имаа истакнато во своето соопштение.
Армијата на РМ е институција со најголема доверба кај народот и не смее да се дозволи со вакви партиски манипулации да се нарушува угледот!