Skip to main content
Економија

Левица: Мицкоски ја пушти инфлацијата да гори – ДПМНЕ одбива да ја заштити куповната моќ на народот

11/03/2026  08:54

Соопштение на Левица:

Последните случувања со растот на цените на нафтените деривати повторно  ја откри слабоста на економскиот модел во Македониja. Наместо државата да реагира со мерки кои ќе го ублажат ударот врз стандардот на граѓаните, Владата предводена од Христијан Мицкоски одлучи да остане пасивен набљудувач и да ги отфрли предлозите за намалување на акцизите и на данокот на додадена вредност, квалификувајќи ги како „соцболшевизам”.

Аргументот дека Македонија има „најниска цена во регионот” е политички маневар кој ја замаглува суштината. Споредбата со соседните држави не е релевантна ако не се споредат и платите. Кога просечната и минималната плата во Македонија се значително пониски од оние во Грција, Србија или Бугарија, тогаш дури и „поевтина” нафта може да биде релативно поскапа за македонските граѓани. Во економијата тоа се нарекува реална куповна моќ и токму таму се гледа вистинскиот проблем.

Особено е проблематично што Владата ја третира оваа состојба исклучиво како пазарно прашање. Македонија е целосно зависна од увоз на нафта и нафтени деривати чии цени се формираат на глобалниот пазар. Но токму поради таа зависност улогата на државата треба да биде стабилизациска. Наместо тоа, Владата се потпира на аргументот дека „пазарот ќе се стабилизира” и дека цените на светските берзи веќе почнале да паѓаат. Таквиот пристап ја префрла целата неизвесност врз домаќинствата и бизнисите.

Дополнителен проблем е ефектот врз целата економија. Цената на дизелот директно влијае врз транспортот, земјоделството и логистиката, што значи дека секое поскапување брзо се прелева во цените на храната. Во економии со низок доход како македонската, ваквите шокови имаат далеку посилен социјален ефект.

Клучниот парадокс е што Владата одбива да интервенира во цената на нафтата но истовремено признава дека поскапувањето може да предизвика раст на цените на храната. Тоа значи дека економската политика реагира само кога инфлацијата веќе ќе се прелее во целата економија наместо да се спречи нејзиното ширење во старт.

Затоа Левица бара:

– намалување на акцизи и ДДВ

– диверзификација на енергетските извори

– зајакнување на стокови резерви на гориво

– поголема регулација на пазарната концентрација во трговијата и 

– активна политика за заштита на реалната куповна моќ на граѓаните.

Без таков пристап, секое глобално поскапување на енергијата ќе продолжи автоматски да се претвора во домашна инфлациска криза. А тогаш аргументите за „најниска цена во регионот” ќе останат само политичка реторика која не го менува фактот дека товарот од кризата повторно паѓа врз обичните граѓани.