
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција го најави поднесувањето на Предлог-законот за намалување на работното време од осум на шест часа, без реперкусии по платите. Тој посочи дека ова е еден од најважните програмски приоритети на партијата, но и дека „тоа не произлегува само од идеологија, туку од времето кое ги диктира промените и од цивилизацискиот напредок на човештвото”.
Во своето обраќање, Мециновиќ нагласи дека осумчасовното работно време е историски застарен концепт:
„Во поширок контекст, осумчасовниот работен ден е остаток од индустриското време и е стандард за полно работно време кој не одговара на овој свет, туку на сосема различен свет.”
Тој укажа дека денешниот свет се карактеризира со зголемена продуктивност поради технолошкиот напредок, што суштински го менува односот на работникот кон неговата обврска:
„Обврските на работникот се автоматизираат, дигитализираат и унапредуваат на начин што тој веќе не е инволвиран, како што бил инволвиран во индустриското време. Работниците денеска живеат во време кога технологијата напредува, но истовремено нивниот работен ден и работен век е исполнет со исцрпеност, анксиозност и хроничен замор, без вистински простор за одмор, грижа за семејството или општествена партиципација. Во македонски контекст ова е и заради тоа што власта не сака да ги зголеми платите” – посочи Мециновиќ.
Тој потсети дека партијата веќе предложила закон за зголемување на платите по моделот на синдикатите, кој бил одбиен:
„Нашите работници не смеат да бидат оставени сами на себе, не смеат да бидат оставени сами против оваа антиработничка власт. Така да, во услови кога не се зголеми минималната плата, предлагаме да се намали работното време.”
Мециновиќ подвлече дека предложеното намалување на работното време не е експеримент, туку мерка заснована на конкретни анализи и глобални искуства:
„Исланд, Велика Британија, Шведска, Јапонија, Германија, Франција и многу други држави веќе имаат воведено помало работно време или експериментираат со модели за помало работно време. Во регионот, во мај 2025 година, властите на Црна Гора намалија работното време.”
Според него, сите анализи покажуваат јасни резултати: подобра продуктивност, помало отсуство од работа, подобро ментално здравје и зголемена лојалност кон работните обврски на работниците. Тој додаде:
„Ниедна од овие земји не претрпе економски удар, туку напротив, многу фирми, државни и приватни, пријавија раст.”
Мециновиќ нагласи дека предложениот модел не предвидува дополнителни трошоци за буџетот:
„Нашиот предлог е конципиран со внимание да нема буџетски трошоци. Нема наметнато вештачко темпо, туку сметаме дека ова доаѓа природно во ова време и најпосле преминот е реален и изводлив, особено во сектори каде веќе е воспоставен флексибилен пристап кон работното време.”
Тој порача дека „ова е порака дека во Македонија политичката елита нема да биде нема на трендовите кои се одвиваат во Европа”, и дека Левица го гледа предлогот како „дел од континентален тренд”, но и како „наша обврска, затоа што овој мандат многу пати интервениравме во законот за работни односи”.
Во заклучокот, Мециновиќ повика на поширок општествен ангажман околу предлогот:
„Доколку помине првата фаза на донесување на овој закон, тогаш во комисиите можеме да разговараме за спецификациите на законот. Ние нудиме модел со шестчасовно работно време, но во комисиите можеме да разговараме да дојдеме до оптимум. Тоа што е битно – битно е да се наметне јавен притисок. Битно е да се вклучат синдикатите, здруженијата на работниците, оние здруженија кои се баваат со работничките права, оние здруженија кои се баваат со физичкото и менталното здравје на нашите граѓани. Во еден јавен дискурс да наметнеме притисок дека ова е потребно.”
На крајот, тој додаде: „Очекуваме поддршка од партиите, затоа што сметаме дека нешто мора да се направи за работниците при седум милијарди евра задолжувања во последната година.”