Skip to main content
Македонија

Левица: Касами делел тендери од 100.000 евра на фирма-донатор на БЕСА

19/09/2025  13:19

Опозициската Левица обвинува дека градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, доделил четири тендери во вредност од над 100.000 евра на компанија чиј сопственик е донатор на неговата партија Беса. Според партијата, станува збор за класична криминогена шема, преку која јавни пари од буџетот на Тетово завршуваат во приватни џебови на блиски луѓе до Касами и раководството на Беса. Од Левица додаваат дека наместо институциите под контрола на ДПМНЕ да ги толерираат овие практики, тие треба да се зафатат со расветлување на криминалите во Тетово.

Наместо Мицкоски во Тетово да му фрла гума за спасување на Биљал Касами, кој градот го доуништи со неговото дивеење, институциите под контрола на ДПМНЕ треба да се позанимаваат со расипничкото работење и КРИМИНАЛИТЕ на Касами.

Како што објави медиумот “Фокус”, Касами доделил четири тендери (во вкупна вредност од 114.000 евра) на компанијата „И-Поинт Маркетинг”, која е во сопственост на Менсур Аљити и Амир Алити. Косопственикот на компанијата – Менсур Аљити – важи за близок човек на секретарот на Беса и сопартиец на Касами, АДНАН АЗИЗИ.

Токму Аљити донирал 3.000 евра на партијата на Касами во 2023 година. Ова укажува на криминогени шеми каде се влечат пари од буџетот на Тетово, кои потоа завршуваат во приватни џебови на донаторите и активистите на Касами.

Додека Тетово тоне во диви депонии, дивоградби и урбанистички хаос, коалициониот партнер на Мицкоски продолжува онаму каде што застана ДУИ. Додека ДПМНЕ шири празни флоскули дека се бори беспрекорно против криминалот, фактите се јасни: Мицкоски криминалците од ДУИ само ги замени со криминалците од ВРЕДИ.

Поддршката од Мицкоски за НОВ МАНДАТ на Касами потврдува дека овие партии продолжуваат со својата криминална матрица, каде мандатот добиен од народот го злоупотребуваат за свое лично богатење, како што впрочем владеат 35 години, соопштија од партијата.