Skip to main content
Скопје

Левица: ЈСП  и Скопјани се заложници на коруптивни договори и политичка неспособност

23/09/2025  13:47

Соопштение на политичката партија Левица:

Крвотокот на градот – ЈСП уште еднаш пред работ на ново изживување во име на профитот, овој пат од компанијата ,,Пуцко Петрол”, кој играјќи монопол со казнени камати и камати на камати го вовлече јавното претпријатие во должничко ропство. 

Во последниве четири години, додека ВМРО-ДПМНЕ ја води локалната власт во Град Скопје, ЈСП е турнато во најлоша финансиска и организациска состојба во својата историја. За тоа сведочи и динамиката со која дури тројца од четири  директори условно „дезертираа” во само еден мандат, оставајќи целосен хаос зад себе – ненавремени плаќања кон побарувачи, сомнителни договори со истите, како и рекордни блокади од приватниците.

Сѐ поизвесен е фактот дека ЈСП денес е претпријатие на работ на колапс. Не поради објективни околности, туку поради штетни договори, спогодби и политички одлуки. И тоа не само од последниве четири години. За ваквата состојба одговорноста во континуитет се задржува кај локалната власт, како во време на претходната градска власт на ДПМНЕ, кога Игор Јанушев како директор, буквално го уништи претпријатието со десетгодишниот договор склучен со „Маратон”.

Договорот со „Пуцко Петрол” е премија од првиот ден. Во октомври 2022 година, ЈСП склучи договор за набавка дизел со „Пуцко Петрол” на фиксна цена од 100 ден/л + 18% ДДВ = 118 ден/л . Во моментот на потпишување пазарната цена на дизелот беше околу 86,5 ден/л. Тоа значи дека ЈСП уште од првиот ден плаќаше повеќе од пазарот, премија од 31,5 ден/л, или над 7 милиони евра дополнителен трошок на вкупниот обем (14 милиони литри). Овој договор беше склучен во отворена постапка, но „Пуцко Петрол” беше единствениот понудувач. Причината е во клаузулата дека ЈСП може да плаќа во рок до 90 дена по добиена фактура . Другите нафтени компании не се нафатија на вакви услови, фактички да го кредитираат ЈСП со гориво три месеци без наплата.

Ваквата „претприемничка одлука”, со пресметан кредито-деловен ризик од страна на „Пуцко Петрол”, го направи кредитор на јавниот превоз во Скопје. Традиционално, оваа компанија и претходно го снабдувал ЈСП, но овој пат условите се штетни, со фиксна и висока цена, како премија за преземениот ризик да чека подолг период за наплата.
Резултатот од ваквиот договор беше погубен по финансии: според пресметките, на оваа цена ЈСП губеше околу 500.000 евра месечно само на разликата во цена на горивото. 

 Веќе во 2023, кога ЈСП не ги плаќаше фактурите на време, во јули беше склучена спогодба за акумилиран долг од 7,38 милиони евра, со шест месечни рати. Но, тука беше вметната одредба за казнена камата 50% над законската, што во пракса значи и до 24% каматна стапка. Дополнително, се предвидуваше и камата врз веќе пристигната камата – правноништовна клаузула. 

Државниот завод за ревизија во својот извештај за 2023 година експлицитно нотира дека ова е спротивно на договорот и на законската регулатива и препорача барем 50% од овие камати да се коригираат. Ништо од ова не е направено. До јануари 2024, „Пуцко” веќе достави каматна листа со 24% стапка, лихварски наплатувајќи дел преку присилна наплата и блокада на сметка. Така, ЈСП не само што плаќа прескапо гориво, туку и камати што се повисоки од законските, што создава дополнителен одлив на јавни средства.

ЈСП денес не е јавен сервис, туку жртва на договори што служат за приватен профит. ДЗР даде јасни забелешки со ревизијата за 2023, време е тие да станат основа за институционална одговорност, а не уште една непрочитана ревизија.
Кој тоа веќе една декада го подготвува ЈСП за приватизација? Дали ДПМНЕ, најпрвин преку своите директори од калибарот на Јанушев, но и преку политички тактизирања го турка претпријатието во долгови, каде „кредитирањето” од приватни фирми стана норма за извлекување камати над законските? Кој дозволува јавниот превоз на Скопјани – загарантирана јавна услуга, да се комодифицира и претвори во алатка за приватен профит? И до кога ДПМНЕ ќе го третира ЈСП како плен, наместо како сервис на граѓаните?