
Соопштение на Левица:
Со предлог измените на Кривичниот законик што ДПМНЕ ги достави до Собранието власта се обидува да ја убеди јавноста дека ја враќа правдата. Но, тоа не е точно. Ова денес што се нуди не е реформа. Ова е обланда за идно амнестирање на функционери и за изрекување смешни казни за најтешки форми на корупција.
По измените од 2023 година, за кои ДПМНЕ обезбеди кворум, клучното прашање не е колку предмети застареле, туку дали по овие измени воопшто ќе одговара некој носител на јавна функција?
Уставниот суд во февруари поведе постапка по измените од 2023 година и даде рок од шест месеци за исправка. Тој рок беше пробиен. Како и ветувањата на ДПМНЕ. Наместо транспарентна дебата, на 17 декември, во последен момент, беа поднесени предлог-измени без јавна дебата, без експертска анализа и без вклучување на стручната јавност.
До овој момент тие измени не се закажани ниту за прво читање што укажува на план за уште едно избрзано и нетранспарентно носење закон со далекусежни последици.
Власта лаже кога тврди дека со овие измени ја враќа правдата.
Фактите се следни:
-Кај злоупотреба на службената положба се брише можноста за кривичен прогон по основ на „поголема повреда на правата на друг”, со што директно се стеснува инкриминацијата
-За прибавување значителна имотна корист казната се намалува од 3 до 20 години затвор, на 1 до 8 години.
-За злоупотреба на јавни пари иако формално се „враќаат” казните се сведуваат на 4 до 10 години, наместо претходните 5 до 20 години затворска казна.
-Кај несовесно работење во службата се намалува кривичната одговорност и се сведува на парична наместо на затворска казна.
Ова не е заострување на казнената политика. Ова е правна рамка за поблаги казни и избегнување одговорност.
Вистината е јасна: ДПМНЕ свесно чекаше предметите на нивните функционери да застарат, за сега со козметички поправки да ја замаскира сопствената неодговорност.
Ова не е враќање на правдата. Ова е амнестирање на високата корупција.
