
Соопштение на Левица:
И по една година од најавата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) дека е отворен предмет за актуелниот генерален секретар на Владата, Игор Јанушев – сè уште нема никаков исход и информација за случајот.
Веќе познато за јавноста е дека Јанушев поседува фирма во Ќустендил, Бугарија, со назив „Флугбан Транс”. Иако основана уште во 2015 година и до ден денес незатворена – оваа компанија никогаш не била пријавена во неговиот анкетен лист, и покрај тоа што освен амнестиран директор на ЈСП, тој беше и пратеник, а сега и генерален секретар на Владата. Компанијата имала годишен обрт од околу 300.000 евра, што го прави прикривањето на овој имотен елемент сериозен прекршок, но и кривично дело.
Податоците се отворени и достапни за јавноста, а и самиот Јанушев призна дека има фирма во Бугарија која “заборавил да ја пријави” и до ден денес таа не е пријавена во неговиот анкетен лист. Може да се заклучи дека станува збор за намерно и континуирано прикривање на имотот, што според член 359-а од Кривичниот законик претставува кривично дело. Оттука, Левица го повикува Обвинителство, да постапи по допрен глас и да отвори постапка против еднаш амнестираниот функционер Игор Јанушев.
ДКСК уште пред една година соопшти дека во предметот е вклучена и Управата за финансиско разузнавање, па легитимно е да се очекува одговор на единственото отворено прашање за случајот: Дали преку оваа тајна фирма во Бугарија се переле пари од матните “должничко-доверителски” односи на одредени лица со Јанушев?
Факт е дека актуелниот состав на ДКСК не само што не се справува со корупцијата, туку дејствува како легализатор на скандалите на владејачките, но и поголеми опозициони партии. Наместо да ги заштити граѓаните, Комисијата ги прави „слепи при очи”, аминувајќи ги аферите на функционерите.
Факт е и дека самиот состав на оваа Комисија е длабоко компромитиран и вмешан во кпруптивната матрица. Потсетуваме дека во 2023 година, едногласно ДПМНЕ и СДСМ, за нов член на ДКСК ја избраа сопругата на адвокатот на Зоран Заев. Друг член, универзитетска професорка од факултетот каде што директорот на АНБ, Бојан Христовски, се здобил со спорна диплома – одлучи дека „нема ништо спорно во дипломата”. А на чело на ДКСК формално сѐ уште е Татјана Димитровска која е веќе осомничена за коруптивни дејствија.
Во ваков распоред на „институционален мир”, скандалозните предмети се или заташкани, или директно „измиени”, или пак воопшто не се отвора постапка. Случајот со тајната фирма на Игор Јанушев е година дена заглавена во фиока. За фирмата во Бугарија на градоначалникот од ЗНАМ, Максим Димитриевски, или за „бонбона зделката” од 600.000 евра со парцелите на неговиот кум продадени на „Лидл” – ДКСК едноставно молчи.
Затоа не е за изненадување што ниту ДПМНЕ, ниту СДСМ, ниту кој било од нивните коалициски партнери – не упатува ниту збор критика за ДКСК, иако нејзиниот интегритет е темелно разнишан од скандали. Наместо да бараат одговорност и да поведат постапка за разрешување – тие свесно ја одржуваат тишината, па дури и кога на чело на Комисијата стои осомничена за корупција, како Татјана Димитровска.