Skip to main content
Македонија

Левица: Африм Гаши, уценет од ВМРО-ДПМНЕ, илегално ја поништи закажаната Надзорна расправа за Кочани

05/07/2025  10:02

Ја известуваме јавноста дека претседателот на Собранието на Република Македонија – Африм Гаши од необалистичката „Вреди”, инструиран од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, противуставно и противзаконски ја поништи уредно закажаната Надзорна расправа за Кочани, која требаше да се одржи на 8 јули 2025 година (вторник), на Петтата седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Откако на Четвртата седница на Постојаната анкетна комисија пратениците на бескрупулозната владејачка коалиција ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ решија злонамерно да ја бојкотираат Комисијата со која претседава пратеникот од Левица – проф. д-р Димитар Апасиев, останатите присутни пратеници – согласно Деловникот – во нивно отсуство донесоа правовалидна одлука (со 1/3 од вкупниот број полноправни членови), за одржување надзорна расправа во Собранието на тема: „Пропустите на државните органи кои придонесоа за трагедијата во Кочани на 16 март 2025″.

Но, по ова – спикерот Гаши, со интерен службен допис до претседателот на П.А.К. пречекорувајќи ги своите ингеренции и прекршувајќи го Законот за Собранието, ја поништил Поканата за одржување на надзорната расправа, со цел во Собранието на РМ никако да не се дозволи да се зборува за кочанската трагедија.
Ова е уште еден нехуман очајнички обид на пратениците од корумпираната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ да добие на време и да проба да го амортизира народниот гнев на родителите на трагично загинатите деца во кочанската дискотека „Пулс”, саботирајќи го на секаков можен начин одржувањето на Надзорната расправа за вака важна тема од највисок јавен интерес.

Бездушната вмровска власт се плаши од откривање на мафијашките рекатарски шеми и спрегите на своите корумпирани министри, началници, командири, дилери и инспектори од Источна Македонија – па не дава ниту да се спомне Кочани во македонското Собрание!

Но, ние не застануваме тука и ќе ги употребиме сите правни средства кои ни стојат на располагање, ваквата важна расправа да се одржи согласно закон и деловник и, конечно, да се дознае вистината за Кочани. Следува тужба пред Управниот суд и претставка пред Уставниот суд, а нашиот правен тим ја разгледува можноста и за нова кривична пријава против спикерот Гаши, како и нова интерпелација за неговото самовластие во македонскиот парламент.