
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на надзорната расправа во Собранието посветена на аерозагадувањето откри дека минатата година воздухопловите за гаснење пожари биле приземјени и нефункционални, а целокупниот систем за интервенција бил без протокол и со недоволна координација.
– Минатата година трите воздухоплови кои ги имаме на располагање за гаснење на пожари беа приземјени, не беа сервисирани, немаа употребна дозвола за да може да бидат управувани. За жал, пилотите беа незадоволни и во пензија и моравме да ги враќаме. Немаше никаков официјален протокол како оди вертикалната оска на команда да се справиме со пожарите – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека оваа година Владата презема мерки за подобрување на системот, вклучувајќи и преструктуирање на институциите кои се задолжени за справување со пожари.
– Има дуализам – Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Центар за управување со кризи (ЦУК), и тоа мора да се промени. Веќе од октомври почнавме процес на спојување на двете институции во една, и тоа е барање и на НАТО како реформа. Мора да знаеме која институција дојавува, кој командува и кој има одговорност – рече премиерот.
Мицкоски најави и забрана за движење во шумите за време на летната сезона, освен со дозвола. Ќе се знае точно кој се движи низ шумите, каде се наоѓа, а ќе има и строга одговорност ако настане пожар.
– Оваа година ќе има забрана за движење во шуми и секој кој ќе сака да се движи, спортува, планинари ќе може да извади соодветна белешка. Ќе знаеме кој е во шумите, каде се наоѓа и кој е одговорен доколку се случи пожар – додаде тој.
Осврнувајќи се на состојбата во ЈП „Национални шуми“, премиерот потенцира дека минатата година имало недостиг од нафта, неисплатени плати, нефункционални возила и недоволно обучени дрвосечачи, но Владата постепено интервенирала.
Во моментов, според Мицкоски, се прават финални подготовки, а со координација раководи заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски заедно со министрите и директорите на надлежните институции.
– Подготвени сме оваа година да интервенираме поорганизирано. Имаме план, точно ќе знаеме и кој е во шумите. Не би сакал да има пожари, но сме многу поподготвени – заклучи премиерот Мицкоски.