
Модерните терапии за слабеење како што се оние на база на хормонот сличен на глукагон може да бидат многу ефикасни против дебелината, но ново истражување покажува дека можеби носат и сериозни психички ризици на долг рок, пишува „Саенс алерт“.
Научниците откриле дека овие лекови, кои го имитираат природниот хормон што се создава во мозокот, цревата и панкреасот и кој го регулира шеќерот во крвта и апетитот, истовремено влијаат и на делови од мозокот кои се поврзани со чувството на задоволство и награда.
Новото истражување, направено од меѓународен тим научници, упатува на тоа дека употребата на овие лекови може да доведе до промени во мозочната активност кај луѓе кои генетски имаат послаб систем на создавање допамин, важна хемикалија за расположението. Тоа, пак, може да го зголеми ризикот од депресија и суицидални мисли.
„Истражувањето ни дава сериозни причини да размислиме за внимателно користење на овие лекови“, вели психијатарот Марк Голд од Универзитетот во Вашингтон. Тој додава дека здравствените власти како што е американската Агенција за храна и лекови треба внимателно да ги разгледаат новите сознанија при означување и следење на лековите.
Важно е да се напомене дека студијата се базира на компјутерска анализа, а не на лабораториски или клинички тестирања. Истражувачите откриле дека лековите делуваат на гени што се клучни и за допаминската активност и за регулирањето на расположението.
Европската агенција за лекови веќе истражува дали овие терапии водат до зголемување на мисли за самоповредување и самоубиство, откако пристигнале извештаи од Исланд. Во 2024 година, преглед на несаканите дејства на овие лекови покажа дека 1,2 проценти од случаите биле психички проблеми, најчесто депресија.
Иако е рано за конечни заклучоци, научниците предупредуваат дека мора да се биде внимателен, бидејќи сите луѓе различно реагираат на лекови поради генетски и животни фактори.
„Овие терапии носат голема надеж за третирање на зависности и нарушувања во однесувањето, но мора да внимаваме да не направиме повеќе штета отколку корист“, вели професорот Игор Елман од Харвард.