Македонија го заврши својот настап на Светското првенство со пораз од фаворизираната Франција, но и со четврто освоено место во втората фаза на мундијалот.
Избраниците на Кирил Лазаров уште еднаш покажаа полетност и храбра игра против еден од главните кандидати за златниот медал, па по поразот од 32:25, селекторот на македонскиот тим ги сумираше впечатоците од виденото на последниот натпревар, но и воопшто од настапот на целиот турнир.
Македонскиот селектор смета дека Франција е друга реалност за нашата селекција во овој момент, но во секој случај е задоволен од целокупната слика која ја остави тимот на изминатите шест натпревари.
– Во спортот секогаш можете да се надевате на чудо, но реалноста е друга. Сите видовте за каква сила станува збор, сите видовте колку Франција е потентна во секој елемент. Се боревме машки против нив, не се предадовме во ниту еден момент, бидејќи ако се предадете против Франција, за 3-4 минути ќе имате негатива од 10 или 15 голови разлика.
– Нашата младост и неискуството правеа да брзаме во одредени ситуации, промашивме чисти шутеви и можевме да извлечеме и поповолен резултат, тука го вбројувам и последниот цепелин на Кузмановски. Не е исто да загубите со шест, или со седум разлика. Во секој случај, морам да бидам задоволен од тимот, кога го видов записникот, се ми стана јасно. Мем и Ремили беа нивни најдобри голгетери, тоа значи дека воопшто не не потцениле. Станува збор за играчи кои освојуваат трофеи секоја сезона, Франција одигра максимално против нас.
– Нашите момци се бореа, ова е шести натпревар на СП и игравме против селекција која темпира форма за завршницата. Задоволен сум од целокупното издание, можеме да жалиме за тоа што го испуштивме, но тоа е од неискуство. Овие играчи од утре ќе бидат подобри на клупски план, но и на репрезентативно ниво. Следниот пат ќе бидат многу подобри на ваков турнир и нема да биде лесно да бидат победувани од било кој, – изјави Лазаров.
Извор: Дерби.мк