
„Лавиринт“ е новиот музички хит на Тамара Тодевска и нејзиниот долгогодишен соработник и пријател Игор Џамбазов. Текстот на песната е напишан од Џамбазов, а музиката и аранжманот е на Роберт Билбилов (Just RB Production).
Спотот се снимаше на скопските улици при крајот на мај, во режија и продукција на Зоран (Зонде) Стојановски, а за камерата беше задолжен Кристијан Теодоров. Станува збор за еден динамичен видеозапис, кој ја обединува речиси целата македонска естрада. Во видеото учествуваат голем број домашни музичари, продуценти, ДЏ-артисти, водители, модели, актери, инфлуенсери, пријатели, соработници и дел од семејството на Тамара Тодевска.
„Среќна сум што успеав да спојам голем број значајни луѓе за домашната културна сцена во еден видеозапис. Верувајте дека договорањето одеше навистина брзо, едноставно и со сите успеавме да снимиме за неполн ден. Речиси сите учесници се и мои блиски пријатели и навистина им благодарам што ја прифатија поканата и успеа да се адаптираат за потребите на ‘Лавиринт’.
Идејата на ова обединување беше за да се потсетиме малку на минатото кога дружбите меѓу колегите и уметниците беа секојдневни и многу позастапени од денеска. Да се почитуваме, да соработуваме и да споделуваме квалитетна музика“, посочува Тамара.
Инаку, спотот почнува со интересен дијалог/конверзација меѓу Игор Џамбазов и Тијана Дапчевиќ, со што му се дава дополнителна вредност и го прави привлечен за публиката.
„Игор и Тамара, Тамара и Игор е комбинација што функционира долго време… Тамарче ме покани да бидам дел од песната/спотот и прифатив со задоволство, а текстот го напишав пред некоја година. Се надевам дека ‘Лавиринт’ ќе биде слушана, а има ли поголем лавиринт од нашево секојдневие!? Сите да ги најдеме излезот и вистинскиот пат, а домашната сцена нека остане вака обединета и убава како во спотот“, посочува Џамбазов.
Песната е достапна на сите дигитални музички платформи.