
Во рамки на активностите по повод октомври – месец на свесност за ракот на дојка, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, присуствуваше на настан во Градскиот парк, посветен на поддршка на жените кои ја водат својата најважна битка – битката за животот.

„Денеска не зборуваме за политика, туку за човечност. Денес сум тука како син, сопруг, татко и пријател. Како човек кој верува дека здравјето е највисока вредност,“ изјави Лабудовиќ.
Тој ја истакна важноста на превенцијата и свесноста, најавувајќи конкретна мерка – доделување бесплатни ехо-прегледи на гради за жените во Општина Центар.
„Секој преглед може да значи спасен живот. Ова не е само гест – ова е порака: погрижете се за себе, животот е вреден,“ додаде тој.
Во своето обраќање, Лабудовиќ најави и нов концепт што ќе биде спроведен по неговата победа – „Центар – Здравствен хаб“, прв ваков модел во Македонија, наменет за граѓаните на Центар.
Овој хаб ќе биде модерен, достапен и пријателски простор за сите жители, со бесплатни услуги за проверка на здравствени параметри, совети од стручни лица, едукации за здрава исхрана, физичка активност, ментално здравје и родителство.
Покрај тоа, ќе бидат поставени дигитални здравствени станици на неколку локации низ општината, каде граѓаните ќе можат самостојно да ги проверуваат притисокот, шеќерот, пулсот и другите вредности.
„Како иден градоначалник, мојата најголема обврска нема да биде само да градиме улици и паркови, туку да создадеме општина што се грижи за луѓето. Здрава заедница е темел на среќно општество,“ потенцираше Лабудовиќ.
Целта на проектот „Центар – Здравствен хаб“ е да ја врати грижата блиску до граѓаните, без чекање и бирократија, преку волонтерски ангажман на лекари, нутриционисти, психолози и физиотерапевти.
„Кога е здрава жената – здраво е семејството. Кога сите сме здрави – Центар живее и дише спокојно. Општината мора да биде партнер во здравјето на своите граѓани,“ заврши Лабудовиќ.