Skip to main content
Македонија

Квалитетот на водата на „Езеро Младост“ полош од лани, итно да реализираат одамна донесени мерки за спас на езерото

17/07/2025  10:19

Комисијата за следење на водата во велешко езеро „Младост“ на вчершната седница ги повтори веќе изгласаните мерки за спас на велешко езеро „Младост“, кое според препораките на Центарот за јавно здравје донесени на почетокот на месецов е забрането за секаков вид употреба – за наводнување, капење и рекреација.

Димитар Абрашев член на оваа Комисија изјави за МИА дека донесените мерки треба под итно да се реализираат, за да се спаси езрото кое изумира.

Мерките вклучуваат – да се исчисти коритото на Отовичка река, да се отстрануваат наслагите, да се прават бушотини кај Рудничка Река, со цел да се дојде до свежа вода, која треба да се донесе во Велешко, како краткорочна и најбрза мерка за дотур на вода, да се реконструира колекторскиот систем и шахтите, со цел да се спречи понатамошно загадување на езерото „Младост“.

На состанокот било потенцирано дека е неопходно довршување на цевководот од езеро „Лисиче“ до езеро „Младост“ во должина од околу 6 километри, а за што тие  веќе добиле и ветување од Владата дека ќе се реализира.

-Голем дел од овие мерки и активности требаше да бидат завршени. Да се надеваме дека до наредна седница на Комисијата која се состанува еднаш месечно дека ќе има превземено активности на терен, а не само да констатираме лоша состојба на водата и да ги преповторуваме веќе донесените мерки за спас на езерото, посочи Абрашев.

Информира дека претставниците на Центарот за јавно здравје денеска изнеле фрапантен податок дека сега квалитетот на водата е полош од лани.

Забраната за наводнување, капење и рекреација ќе важи се додека стручна институција не изврши испитување и да докаже дека во водата нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини

Граѓаните на Велес на кои со години и децении велешко езеро „Младост“ им е омилено место за рекреација, а особено за пливање во топлите летни посочија дека се огорчени што веќе второ лето не можат да се рекреираат и капат во езерото.