
Како што се доближува претстојната недела, партиите ги прават последните подготовки со своите кандидати за изборниот ден. Локалните теми преовладуваат овие избори, сите кандидати ветуваат, но ретко кој зборува за реализација. Димитар Кузмановски е претседател на општинската организација на Либерално-демократската партија во Битола и носител на советничка листа за Советот на Општина Битола од коалицијата „Искуство за успех“.
1. Димитар, која е вашата главна визија за работата во Советот и кои состојби во вашата општина ги сметате најитни за справување?
Мојата визија и визијата на останатите кандидати за советници е да ја направиме Битола град на модерни, функционални и професионални институции кои се вистински сервис на граѓаните. Сакаме град со чист воздух, повеќе зелени површини, безбедна урбана средина и транспарентно управување со јавните пари. Како најитни проблеми за решавање сметаме дека се неорганизираното функционирање на јавните претпријатија, водоснабдувањето кое станува сѐ посериозен проблем за повеќе од половина битолчани, недостигот од реални инвестиции, деградацијата на инфраструктурата и нејзиното неодржување.
Наш приоритет ќе биде решавање на овие суштински прашања – со реални и остварливи проекти, какви што се „Битола – град на велосипеди“, „Зелен план за Битола“ и субвенциите за решавање на проблемот со вода.

2. Советот е орган кој е колективен. Како гледате на соработката со колегите од другите партии и со идниот градоначалник?
Советот е место каде се носат одлуки во интерес на граѓаните, а не арена за политички битки. Јас лично верувам во дијалогот, аргументите и меѓусебнат почит. Без разлика од која партија доаѓаат колегите советници или градоначалникот, мојата цел е заеднички да носиме одлуки што ќе ја придвижат Битола напред. ЛДП и во минатото, отсекогаш покажувала дека знае да соработува – и тоа со видливи резултати. Онаму каде што сме раководеле со институции, тие станале поуспешни, поефикасни и попрофесионални. Таквиот пристап сакаме да го пресликаме и во Советот на Општина Битола – со отворен пристап, аргументи и работа исклучиво за доброто на граѓаните, а не за партиите.
3. Што сметае дека е она што ве издвојува вас од останатите листи и кандидати за советници?
Она што сметам дека ја издвојува нашата листа е спојот на искуство, чесност и резултати. Советничката листа ја сочинуваат луѓе кои зад себе оставиле конкретни дела, а не празни ветувања – професори, доктори, инженери и експерти со докажани кариери и чист образ. Покажавме дека кога ЛДП управува, институциите стануваат ликвидни, се реновираат, добиваат нова опрема и енергија. Ние не сме од оние кои ветуваат невозможни проекти, туку реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните. Нашата сила е во искуството, професионалноста и искрената желба да создадеме поубава, поуредна и позелена Битола за сите нас. Затоа велиме: „Искуство за успех“ – за Битола на прво место, заокружете го бројот 1!