Капитенот на македонската машка ракометна репрезентација Филип Кузмановски постигна осум голови на мечот со Франција и по натпреварот изјави дека е заодоволен од шампионатот и настапит на машката ракометна репрезентација.
“Беше тешко. За мене фаворит е Франција, има многу ѕвезди во тимот, тешко е да се игра против нив. Сепак собравме сила како за последен меч, бевме максимално мотивирани и си рековме себеси пред мечот да уживаме и да играме за нас пред се, а секако и за Македонија. Сметам дека зад нас имаме едно успешно првенство. Јасно е дека имаме уште многу простор за напредок и тоа во иднина ќе го покажеме“ потенцираше Кузмановски.
Во манир на вистински капитен, тој посочи дека е горд на неговите соиграчи:
“Да, горд сум на овие момци што се бореа максимално. Беа многу пожртвувани на сите мечеви и дадоа се од себе за Македонија. Во врска со поддршката се знае дека ја имавме, многу ни помогна таа поддршка, посебно на првите два меча. Имаше голем број на Македонци, секако дека тоа за нас беше ветар во грб. Одигравме максимално и мислам дека ги наградивме со нашата игра и дека сите уживаа како тие тука на трибините така и тие во Македонија“ заклучи Кузмановски.